Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕВРАБОТЕНОСТА ПРОДОЛЖУВА ДА СЕ „ТОПИ“ – бројот на граѓани кои бараат работа падна под 90 илјади, еве во кој град има најмногу

НЕВРАБОТЕНОСТА ПРОДОЛЖУВА ДА СЕ „ТОПИ“ – бројот на граѓани кои бараат работа падна под 90 илјади, еве во кој град има најмногу

Лицата без образование, но и оние со некомплетно образование се најбројните „трагачи“ по работа. Иако бројот на невработени граѓани кои бараат работа и се пријавени во Агенцијата за вработување на Македонија бележи континуиран пад, има одредени „аномалии“ на пазарот кои загрижуваат. 

Последните податоци покажуваат дека и во февруари бил забележан нов пад кај бројот на граѓани кои се пријавуваат во Агенцијата за вработување и сега бројката на лица кои се водат како невработени се спушти на 89.340 невработени и уште 42.584 лица кои бараат работа.

Податоците на Агенцијата објавени на нивната веб страна покажаа дека во јануари имало 90.214невработени лица, но уште 42.917 лица се пријавиле во Агенцијата како лица кои бараат работа.

Иако бројот на лица кои се невработени и кои се во потрага по работа се намалува, сепак, загрижува фактот што одредени лица со години се водат како невработени и тешко успеаваат да најдат работа, но и податокот дека најголем дел од невработените се без образование или со ниско образование.

Бројките откриваат дека од вкупно 89.340  невработени дури 46.659 се жени.

Притоа најголем број од невработените се во категорија без образование или со основно образование и тоа дури 54.601од пријавените невработени лица. Следна голема група се невработените со завршено средно образование, и тука има вкупно 21.370 пријавени граѓани.

Во Агенцијата се пријавиле како невработени и 6.749 граѓани со непотполно средно образование, додека пак со високо образование како невработени се водат 5.569лица.

Зачудува податокот дека како невработени имаме и доктори на науки и магистри. Па така на листа невработени лица се 545магистри на науки, но и 21 лице кое се стекнало со титулата доктори на науки кои се пријавени за невработени.

Зачудува податокот дека високообразован кадар наместо веднаш да биде активиран во некоја работна средина, се пријавува во Агенцијата за вработување.

Според познавачите на пазарот на труд кај лицата без образование има дополнителни тешкотии да се вработат, токму поради фактот што тие се без образование, и голем дел од нив не се во можност да се дообразуваат, што ги прави тешки кандидати и за дообуки со кои би стекнале некакво познавање или стручна наобразба и би биле полесно прифатени на пазарот на труд.

Податоците на Агенцијата покажуваат дека најголем број од невработените лица се во Скопје, и тоа вкупно 20.280 лица. Следен на листата град со најголем број невработени е Тетово со 11.404 невработени. По него доаѓа Куманово со 9.142 невработени, по што следува Гостивар со 6.403 невработени граѓани. Петти на листата град со најголем број невработени е Прилеп со 5.310 невработени лица.

Истовремено треба да се напомене дека во главниот град, освен што има најмногу невработени лица, има и најмногу отворени работни места, и тоа 5.851според податоците на Агенцијата.

П.О.

Слично

Поврзани вести