Невработеноста падна под 30 %, но бројот на вработени тешко се поместува?
Во период на светска и европска криза, намалувањето на невработеноста од 38 отсто до 28,8 проценти е сериозно придвижување, изјави денеска премиерот Никола Груевски. Вели и покрај позитивните резултати, бројките се високи, а владата останува фокусирана на ова прашање.
„Но, мораме да кажеме дека во изминатиот период се направи сериозно придвижување, дојдовме во ситуација во Владата кога имавме 38 отсто невработеност, сега е 28,8 отсто. Тоа е сериозно намалување и што е најважно тоа е намалување во тежок период кога имаме светска криза и европска должничка криза кои значајно го забавуваат темпото на економијата, го намалуваат извозот, внесот на странски директни инвестиции во земјата“, истакна Груевски.
Во однос на последниот бран државни вработувања и „лотаријата“ за 1600 нови административци во „Македонски шуми“, Груевски вели дека веројатно 50 или 60 лица ќе останат во шумското претпријатие, а сите останати ќе се распределат по другите институции.
„Македонски шуми во овој случај е само портата за влез во државната и јавната администрација. Така што кога ќе ги добијат решенијата ќе добијат решение за „Македонски шуми“ и веднаш решение за таму каде што ќе бидат распределени. Тоа беше направено заради полесно менаџирање на процесот“, вели Груевски.
Токму државните вработувања, заедно со новата методологија на пребројување на невработените влијаеше на поминувањето на психолошката граница на невработени од 30%. Дали станува збор за реално опаѓање на невработеноста или за своевидно играње со бројки, Фактор пишуваше претходните денови.
Во последната анализа како голем проблем беше посочен фактот што додека невработеноста се намалува, симптоматично е тоа што вработеноста не расте со истото темпо.
Анализата може да ја прочитате на овој ЛИНК.
Слично
