Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕВРАБОТЕНИТЕ ПАРАЛЕЛНО ПРАЌААТ СV НА ПОВЕЌЕ ОГЛАСИ: Ова е добра стратегија за вработување или не?

НЕВРАБОТЕНИТЕ ПАРАЛЕЛНО ПРАЌААТ СV НА ПОВЕЌЕ ОГЛАСИ: Ова е добра стратегија за вработување или не?

Невработените велат дека во потрагата по вработување, праќаат своја кратка биографија паралелно во повеќе компании. Тие аплицираат истовремено на повеќе огласи за вработување. Велат дека ова носи свои предности и мани. На дел им се случило за брзо време да бидат повикани на интервју за работа во повеќе компании и тука имаат доза на нелагодност, но искуствата на другите се дека не ни добиле повратен одговор и покрај упорното аплицирање на повеќе огласи.

„Сум праќала мое CV  во две фирми паралелно, но не ми се случило да ме повикаат на разговор“, рече Мирјана Ташевска, граѓанка.

Друга жена вели дека секаде се обидувала, но без успех.

„Тоа е позитивно, да се испраќа кратка биографија на повеќе места истовремено. Јас имам завршено Педагошки факултет. Тешко одеше, не ме викаа на разговор, иако конкурирав секаде, дури и во маркети“, објаснува Магбуле Арифи, граѓанка.

Луѓето ако се упорни да најдат работа, редовно ги следат огласите. 

„Мене лично ми се случувало, праќав CV паралелно во 3-4 фирми, и каде ќе ме викнат, таму сум одела. Некогаш има негативни страни, затоа што веќе си прифатил на другото место, и испаѓа незгодно aко те повикаат од друга фирма. Кој како ќе има среќа, зависи“, рече младата Анѓела Стојковиќ.

Славица Тасева, сертифициран кариерен советник вели дека аплицирањето на повеќе огласи паралелно не е ниту исклучиво позитивно, ниту негативно — сè зависи од тоа како пристапуваме кон процесот на барање работа. Ако кандидатот има јасна слика за тоа каква работа бара, кои се неговите способности, интереси и цели, тогаш аплицирањето на повеќе соодветни огласи може да биде продуктивна стратегија што ги зголемува шансите за вработување.

„Сепак, доколку аплицирањето се прави набрзина, без претходна анализа и селекција, тоа може да доведе до вработување на неподобно работно место, што подоцна резултира со незадоволство, ниска мотивација и краткорочен работен однос.  Затоа, пред да се започне со аплицирање, важно е секој барател на работа да си одговори на неколку клучни прашања: Што навистина сакам да работам? Какво работно место ми одговара? Кои се моите вештини и каде имам простор за напредок? Откако ќе си добие јасна слика за своето идеално работно место, следи истражување на потребните квалификации за посакуваната позиција, како и реална проценка на сопствените капацитети и области за надградба. Најважно е да се разбере дека барањето работа е процес што бара време, посветеност и стратегија. Тоа е „работа со полно работно време“. Аплицирањето на повеќе огласи има смисла само доколку е направено со план, цел и прилагоденост на секоја апликација според позицијата и компанијата“, додава Тасева.

Објаснува дека најдобро е кандидатите да направат внимателна селекција и да аплицираат само на огласи што се усогласени со нивните лични интереси, вредности, способности и долгорочни цели. Тасева вели дека наместо да аплицираат насекаде, многу поефективно е прво да ја завршат т.н. „домашна задача“: да дефинираат каква работа навистина сакаат, каква одговорност и задачи им одговараат, во каква работна средина би биле најпродуктивни и најисполнети.

„Покрај тоа, клучен чекор е и истражувањето на компаниите каде планираат да аплицираат. Треба да се проверат условите за работа, моделот на работење (физичко присуство, хибридно или онлајн), локацијата, вредностите и организациската култура, односите меѓу вработените и раководството, платите и понудените бенефиции. Овие информации се важни за да се процени дали работното место е навистина соодветно, бидејќи недоволна усогласеност може да биде извор на идно незадоволство или напуштање на работата. Без разлика дали аплицираат на една или повеќе позиции, задолжително е секоја апликација да биде прилагодена – и CV-то и мотивационото писмо треба да одразуваат интерес и разбирање за конкретната позиција и компанија. Овој индивидуален пристап не само што ја зголемува шансата за позитивен одговор, туку и покажува професионалност и сериозност“, рече Тасева.

Ако ги следиме странските истражувања, има и совети дека оние луѓе кои се нови на пазарот на трудот и почнуваат да бараат работа, можат неделно да конкурираат на 10 до 15 огласи.

Сања Атанасовска

foto freepik.com

Слично

Поврзани вести