Невработен, бизнисмен, разведен… Таткото е глава на семејството!
По седми пат одбележан денот на “семејниот херој”!
Кога може за мајката, зошто да неможе да има и ден за таткото? Години наназад за денот на таткото се врзуваат повеќе датуми, но со една заедничка цел-да му се оддаде внимание на човекот кој 365 дена во годината се грижи за својот дом и семејството. Училиштата и градинките преку честитки на тема „Тато среќен празник“, денеска ја праќаат пораката до своите идоли-татковци, за тоа колку им значат, колку тие се битна алка во нивниот живот. Психолозите велат дека развојот на детето е дел од комплексен социјален систем, кој се разликува од семејство до семејство.
Не постои единствен „правилен“ начин на кој таткото може успешно да биде вклучен во развојот на детето. Но јасно е дека во развојот на децата улогата на таткото е многу значајна, особено во раниот развој, и дека денешното сваќање на улогата на таткото далеку ја надминува традиционалната улога на „глава на семејството“, на оној кој се грижи за економските потреби на семејството и кој го дисциплинира детето. Во денешно време на турбулентни општествено-економски состојби улогата на таткото се усложнува и најразлично се гледа на неа, во зависност од состојбата, од семејство до семејство.
“Денеска таткото можеме да го видиме во различни улоги, со различна инволвираност во одгледувањето на детето. Може де биде целосно инволвиран во одгледувањето на детето, како „невработен“ татко кој седи во домот и се грижи за децата, може да биде татко кој е разведен од мајката и кој се грижи за детето во текот на викендите, може да биде татко кој живее во домот и е дел од семејството, но е дистанциран и емоционално и физички од одгледувањето на децата, може да биде традиционален татко „глава на семејството“, кој се грижи за матерјалните потреби на сите во семејството и авторитативно управува и ги менаџира односите помеѓу членовите на семејството и уште многу различни комбинации на веќе споменатите улоги. Татковците повеќе од мајките ги поттикнуваат децата во истражување на светот, ширење на хоризонтите и зголемување на љубопитноста. Татковците додаваат квалитети во развојот на децата кои што мајките не можат или тешко можат да го дадат. Кога нема татко во животот на детето секогаш е важно да постои некој кој е компетентен, грижлив, топол, кој би ја превзел татковската улога” –вели психологот Мирјана Јованоска-Стојановска.Татковците се идоли на своите деца, внимавајте, детето е огледало на својот татко! Во психологијата се направени бројни студии кои ја докажале значајноста на улогата на таткото во унапредување на социјалниот, емоционалниот и моторниот развој на своите деца. Овде првенствено важи истото правило како и за инволвираноста на мајката во развојот на детето, а тоа е дека не е значаен квантитетот, односно колку време таткото поминува со детето, колку што е значаен квалитетот, односно колку од тоа време што го поминува со детето, таткото е свесен и одговара на потребите на детето. Ова значи колку е присутен и на телесно и емоционално во секојдневието на детето и колку е способен да ги препознае и задоволи неговите потребите. Квалитетното поминато време на таткото со детето, ги зголемува самодовербата, самопочитта, социјалните и животни вештини.
“Мајките повеќе негуваат родителски стил на нежност и безбедност, и одтаму ги развиваат и подржуваат овие особини кај децата, додека татковците негуваат родителски стил кој ги подржува развојот на независноста кај децата и градењето на нивната самодоверба. Овие два родителски стилa му овозможуваат на детето да го гледа светот од две различни перспективи и да развие баланс помеѓу своите машко-женски делови.Досега направените истражувања покажале дека вклучувањето на таткото во примарната нега на детето ( хранење, облекување, успивање, носење на лекар, градинка е извор на емоционалната сигурност на детето. Практикувањето на таткото да игра со своето дете особено „борењето“ му помага на детето да научи да ги контролира агресивните имулси и да стекне поголема емоционална контрола низ физичките активности. Поголемата вклученост на таткото во животот на децата се покажала дека е поволен фактор за полесното прилагодување на децата во училиште и за поголема дружељубивост со другарчињата. Од татковците децата учат како да превземат ризик и решаваат проблеми. Децата кои поминувале повеќе време со своите татковци покажале поголеми вредности на IQ тестовите. Татковците се поинвентивни во играта со своите деца и одтаму доаѓа поголемата креативност на децата”-додава психологот Јовановска-Стојановска. Денот на таткото одбележан и во Македонија! Денот на таткото во Македонија првпат е одбележан во 2006-тата година и од тогаш секоја година во септември преку манифестации, награди и дела изработени од децата а наменети за нивните татковци се одбележува овој ден. Од Националниот совет за родова рамноправност СОЖМ велат дека токму за овој ден се поттикнуват децата од градинките и основните училишта преку нивната креативност да упатат порака до нивниот татко. Она што можеби малите не знаат да го кажат со збор, да го опишат со слика, цртеж или песна.
“Иницијативата за прославување на еден ваков ден потекнува од госпоѓата Сонора Смарт Дод од градот Споукн –државата Вашингтон-САД.Таа во 1909 во чест на својот татко, кој успеал сам да ги одгледа и да се грижи за неа и нејзините пет браќа и сестри предложила прво семејно, а потоа и пошироко да се слави денот во чест на нејзиниот татко. Специјален ден, за неа и семејството штои токму таа личност-нејзиниот татко многу млад останал без сопругата која умрела на породување, сам, без ничија помош успеал децата да ги изведе на вистинскиот пат, притоа да им пружи топол дом, љубов и разбирање. Ова било само повод, дена на таткото да се избере во многу земји низ светот, па и кај нас”-велат од СОЖМ. Улогата на таткото честопати добивала второстепен статус во споредба со оној на мајката.Но денес таткото е еднакво важен како мајката, во развојот на детето и неговата емоционална благосостојба. За девојчињата, таткото е идеалниот, најсилен ,најпаметен и најхрабар маж на светот, а за момчињата таткото е пример кој тие се трудат да го достигнат. Денес, најголем дел од татковците велат психолозите и социјалните работници, активно учествуваат во одгледувањето на детето, не ги избегнуваат задачите за менување пелена и заспивање на децата. Оваа културолошка промена помага во зајакнување на врската меѓу таткото и детето и директно помага во утврдување на придонесот кој татковците го имаат во семејството.
“Националниот совет за родова рамноправност секоја година ги одбележува денот на мајката во месец мај, и денот на таткото во септември. И за двата дена ги вклучуваме децата од градинките и основните училишта, распишуваме конкурс за изработка на честитки. Децата ја изразуваат на свој начин својата благодарност кон родителите, во случајот, таткото, и верувајте никој на тие искрени и невини пораки неможе да остане рамнодушен. Со тоа е постигната целта”-вели Наташа Димитровска од Националниот совет за родова рамноправност-СОЖМ.Денот на таткото-велат активистките на СОЖМ, е ден на сите мажи кои делуваат како татковци вклучувајќи ги и дедовците, вујковците, очувите..сите оние кои оваа улога ја сваќаат како завет и желба да го сторат најдоброто за своето дете. С.Б.
Слично
