Невообичаен оглас за работа во Русија - не е потребно искуство, плата 1.950 долари
Најголемата руска веб-страница за вработување HeadHunter објави оглас за оператори на беспилотни летала за учество во заштитата на воздушниот простор над Москва, без претходно искуство.
Во огласот се наведува дека се бараат кандидати за волонтерска единица наречена Борбени резервни сили, која има задача „да ја чува безбедноста на главниот град со користење на современи технички решенија и системи за надзор“.
„Ќе работите со високотехнолошка опрема дизајнирана да го заштити урбаниот простор“, се вели во него. Описот на работното место вклучува подготовка пред летот и управување со беспилотни летала, извршување извидувачки мисии и „спроведување летови за собирање податоци, дење и ноќе“, пишува „Вечерњи лист“, пренесува Б92.
Кандидатите треба да имаат само „основни технички вештини“ и желба за напредување во таа област. Сепак, платата - која првично би изнесувала околу 1.950 американски долари месечно - е пониска од просечната плата во Москва, која е над 2.600 долари.
Ројтерс не можеше да утврди кога огласот е првпат објавен, но беше ажуриран на 1 јули.
Во јуни, Украина ги засили нападите со беспилотни летала врз Москва, вклучувајќи два напади во рок од три дена врз голема рафинерија за нафта лоцирана во рамките на градскиот кружен пат.
