Невладини со лажни информации го поттикнале мигрантскиот инцидент кај Идомени
Вчерашните обиди за илегален влез на мигранти од грчка на македонска страна се поттикнати од невладини организации.
Во инцидентите на македонско-грчката граница кај Идомени, беа повредени 23 припадници на македонските безбедносни сили кои спречија над 3.000 мигратни насилно да влезат од Грција на македонска територија.
„Различни извештаи говорат дека во обидот да ја поминат грчко-македонската граница со употреба на насилство мигрантите биле поттикнати, заведени и организирани од активисти на невладини организации. Било регистрирано и дистрибуирање на летоци кои содржеле лажни информации дека штом мигрантите успеат да ја поминат грчко-македонската граница со употреба на насилство, тие ќе можат непречено да го продолжат својот пат до земјите членки на ЕУ“ - се посочува во соопштението од Министерството за надворешни работи.
Според МНР, македонските безбедносни сили, заедно со полициски службеници од неколку земји членки на ЕУ кои се распоредени на јужната граница, согласно Програмата за соработка на ЕУ и Македонија за поддршка на менаџирањето на границата заради справување со мигрантската криза, одговорија брзо и согласно ситуацијата и спречија нелегален влез. Додаваат дека не е повреден ниту еден од мигрантите кои учествуваа во насилните протести.
„Употребен е солзавец со цел да се растури насилната група. Не се употребени никакви други средства на контрола, ниту физичка сила против групата. Дваесет и тројца припадници на македонските сили се повредени за време на инцидентот. Воедно, ниту еден од извршителите не е повреден на македонска територија. Утврдени се неколку оштетувања на граничната ограда“ - стои во соопштението.
Во инцидентот се проценува дека учествувале над 3.000 мигранти организирани во помали и поголеми групи, со цел насилно да влезат во земјава кај нелегалниот граничен премин кај каменот 59.
Сличен инцидент за масовно илегално преминување на границата се случи на грчко-македонската граница на 14 март годинава, кај селото Моин во кој беа инволвирани 2.500 мигранти.
