Економија, финансии, бизнис

Контакт

Невин на обвинителна клупа

Невин на обвинителна клупа

Мачни судбини, наталожени долгови, сиромаштија-вака ја опишуваат својата животна состојба дел од  исклучените граѓани од системот за парно кои со години плаќаат сметки за услуги кои не ги користат. Скопјанецот Санде Наумов за Фактор раскажува дека со години води макотрпен и тежок судски процес за да ја докаже правдината. Но таа за него бавно доаѓа. И тој и неговата сопруга се невработени. Иако веќе две години не користи парно и  немал потпишано договор, тој мора  да плаќа секој месец “фиксен дел”  поради цевките кои минувале низ неговиот стан. Во меѓувреме вели му  течат шест тужби,  од кои три се на Апелација, па секојдневно Наумов се прашува дали некој  сака да им гo  земе домот  и да ги остави буквално на улица.

“И кога низ многу животни турбуленции и борба за економски опстанок во последните неколку години, мислевме дека неможе да биде полошо, јас и сопругата кои сме невработени, а воспитани во духот на чесноста ни се случува шок. Во Јуни 2014, почнувајќи од нотарски па судски покани, почнува голготата, омаловажувањето и потценувањето на обичниот човек Санде Наумов. Фирмата  Балкан енерџи груп  ме тужи за услуга која не ја користам. Тогаш седнавме и напишавме приговори во кои наведовме дека немам склучено договор со фирмата, а цевките минуваат низ мој приватен имот , кој горенаведената фирма го користи за да собира пари од становите над мене и притоа бара од мене да и платам некој “фиксен дел“ кој се менува од месец во месец. Колку јас што знам, ако некој го користи твојот имот треба тој да ти плати, така е барем правно. Како и да е почнувам со мачните и потценувачки судски процеси за работа за која сум сто проценти сигурен дека сум во право”-раскажува Санде Наумов.

Тој ги губи повеќето процеси, бидејќи вели дека е правно неук,  па може лесно да се манипулира со наивните и недоволно информирани граѓани. На почетокот на годинава стапил во контакт со граѓаните кои секоја сабота се собираат пред порта Македонија и пред очите на Регулаторната комисија,  за да потсетат на маките. Тогаш Санде разбрал дека стотици семејства се соочуваат со ист проблем кој како што вели е заглавен во долги судски процеси без крај.

DSCF4739

“Очекував судот да биде на страна на граѓаните и правдината, го губам човечкото достоинство, го губам разумот и не ми е јасно што тоа се случува со мојата татковина, па нели е правна држава? На почетокот од 2015 година стапив во контакт со стотици други граѓани кои го имаат овој проблем. Тогаш разбирам дека илјадници домаќинства се осудени на потценување и омаловажување во судските лавиринти. Во размената на мислења, совети и искуства со сограѓаните доаѓам до заклучок дека всушност станува збор за милионски суми земени од граѓаните и сиромашните”-револтирано нагласува Наумов.

DSCF4740

Сметките повторно стигнуваат на адресите на оштетените граѓани кои велат и оваа  зима ќе мрзнат и ќе бараат  други алтернативни начини на греење бидејќи со наталожените долгови за парно немаат можност достоинствено да живеат. Револтираните  граѓани кои иако исклучени плаќаат заостанати сметки и денеска ќе протестираат пред Регулаторната комисија за енергетика. Очекуваат в понеделник Собранието да  ги разгледа Предлог -законите поднесени од опозициската  СДСМ и од пратеникот Павле Трајанов за ослободување од долговите на исклучените од Топлификација,  со што веруваат дека  ќе бидат ослободени од понатамошно угнетување. Денешниот протестен собир ќе го заокружат со читање на 39 -тата бомба посветена на ватерполо натпреварот помеѓу репрезентациите на Македонија и Грција кој се одржа на 16. 03. 2010 година. Малку недостасуваше, велат граѓаните  овој натпревар воопшто да не се одржи, бидејќи базенот „ Младост “ добил  месечна фактура од Топлификација во висина од 20 000 евра и морало  да биде испразнет од вода.Ова според нив е само еден пример кој покажува дека немилосрдно се бараат начини за наплатување на долговите, но не и решенија како да им се помогне на оние кои со години  од редовни потрошувачи станале исклучени граѓани и скапо ја плаќаат  неискористената услуга. Денес велат им се смрзнати  и сметките и домовите.

Слично

Поврзани вести