Невидени цени на нафтата и гасот, хистерична продажба на акции - се гледа ли крајот ?
Руско-украинскиот конфликт ги вжешти светските берзи: цената на гасот е на историски највисоко ниво - 3.600 долари, нафтата достигнува 139 долари, а цените на металите и на пченицата се на рекордно високо ниво. Само во февруари цените на храната скокнаа за една петтина и се највисоки во историјата.
Редовно е снабдувањето на европските потрошувачи со руски гас и нафта. Сепак, берзите експлодираа бидејќи, по САД и некои земји од Европската унија, Јапонија се залага и за санкции против рускиот нафтен сектор.
Но, Германија предупредува дека нема брза замена за руската енергија.
„Веќе неколку месеци федералната влада работи на изнаоѓање алтернатива на руската енергија со партнерите во Европската унија и пошироко. Но, тоа е невозможно да се направи преку ноќ, потенцира Олаф Шолц, германскиот канцелар.
Додека зборуваме за посилни санкции, во некои европски земји литар гориво веќе е 2,5 евра.
Една унца злато чини речиси 2.000 долари, а цените на сите други метали растат. Ова не е изненадувачки бидејќи Русија покрива 40 отсто од светските потреби за платина, 7 отсто за никел и 6 отсто за алуминиум. Сето тоа се долгорочни договори и санкциите против Русија стануваат се поостри.
„Очигледно е дека цените вртоглаво растат. Цените на енергијата зависат од економскиот циклус и геополитиката. Сега доминира геополитиката. Погледнете што се случува. Многу е тешко да се спречи тоа со некои мерки бидејќи секој сака да ги обезбеди своите резерви на највисоко можно ниво поради енергетска безбедност дека времетраењето на војната е неизвесно“, вели д-р Драган Ѓуричин, професор на Економскиот факултет во Белград.
И со цена од 360 долари за тон, пченицата е најскапа во изминатите четири години.
„Сосема е сигурно дека нема да има глобален недостиг на светскиот пазар на пченица и пченка, неизбежно е да има некаква промена во однос на големите трговски текови, големите светски купувачи и увозници на пченица ќе мора да најдат алтернатива на пазарите, некое време, но она што е сигурно е дека Србија произведува повеќе жита и маслодајни култури отколку што ни треба“, изјави Сунчица Савовиќ, директорка на „Здружението за жито на Србија“.
Последиците од руско-украинскиот конфликт вршат притисок врз сите светски берзи, кои бележат хистерична продажба на акции.
Еврото ослабе и беше на најниско ниво во последните две години, додека доларот зајакна за 2,3 отсто од минатата недела.
