НЕШТО СЕ СЛУЧУВА: Германците си го враќаат своето злато дома
Германците завршија со повлекувањето на сите свои златни резерви од Париз и на дел од резервите во САД, соопшти германската централна банка „Бундесбанк“.
„Бундесбанк“ ги пресели златните резерви во земјата не затоа што се сомнева во веродостојноста на странските партнери, уверува институцијата. Причината велат е затоа што чувањето на златото во странство го комплицира процесот на проверка на неговата автентичност.
„Бундесбанк“ наведува дека над половина од вкупно 3.378 тони германско злато, складирани во странство за време на Студената војна, за да не падне во рацете на Советскиот Сојуз, веќе е вратено во земјата.
Операцијата објавена во 2013-та година заврши речиси три години пред крајниот рок во 2020-та година. Повлечената количина сега е зачувана во сефовите во „Бундесбанк“ во Франкфурт.
Од Федералните резерви на САД во Њујорк се повлечени 300 тони.
Од француската централна банка се повлечени се 374 тони од благородниот метал или 11% од сите германски резерви.
Членот на Управниот одбор на банката Карл Лудвиг Тиле соопшти на новинарите дека уште 1.236 тони остануваат во Њујорк (36,6%), а 432 тони во Лондон (12,8%). Во Франкфурт се складирани 1710 тони злато.
Транспортот, спроведен под строго тајни услови, Бундесбанк ја чини 7,7 милиони евра.
Златните резерви на Германија – втори по количина по американските, претставуваат 270.000 прачки секое по околу 12 килограми.
По завршувањето на Втората светска војна Германија немала златни резерви, но тие се обновени по 1951-ва година и денес имаат пазарна вредност од 120 милијарди евра.
