„НЕШТО МЕ ГРИЗЕ И НЕ МЕ ПУШТА“: Жена касната од риба зајак во Грција
На плажата во Пефкохори, Халкидики, дошло до инцидент кога риба зајак (лагокефалус) нападнала жена, при што ја каснала за глуждот додека влегувала во морето.
Според нејзината изјава за грчката телевизија ANT1, жената била на плажа со пријатели и влегла во водата до колена, кога почувствувала силна болка во ногата. „Реков: ‘Нешто ме гризе и не ме пушта’. Погледнав надолу и видов голема риба. Сфатив дека е лагокефалус и почнав да ја тресам ногата за да се ослободам. Веднаш излегов од морето и бев во паника“, раскажала таа.
Пријателите ѝ помогнале да излезе од водата, а повредата била на среќа само над коската на глуждот, што спречило подлабоко оштетување на ткивото. На плажата ѝ била пружена прва помош, а потоа била префрлена во локален здравствен центар каде добила серум против тетанус и антибиотици, а раната била исчистена и санирана.
Грчкиот Црвен крст претходно издал предупредување за присуството на рибата зајак, позната како лагоцефалус. Оваа риба припаѓа на семејството пуфери и е еден од најинвазивните видови во Средоземното Море, со моќни клунести вилици и заби кои можат да предизвикаат сериозни каснувања. Иако главно се храни со школки и мали организми, нејзиното присуство во Јадранското и Егејското Море се зголемува поради покачените температури на морската вода во последните години.
