Нереални партиски ветувања?
Инфраструктурата ќе биде едно од полињата каде ќе се води битката. Автопати, железници се дел од изборните програми, но дали се тоа реално остварливи?
Завршување на изградбата на трите нови автопати, изградба на 6 нови експресни патишта, изградба и реконструкција на над 50 регионални патишта, како и изградба и реконструкција на локални патишта во кои че се инвестираат 30 милиони евра се дел од проектите во програмата на ВМРо-ДПМНЕ која ја презентираше лидерот на владејачката партија, Никола Груевски.
Што ќе донесат сегашните ветувања?
Според Бизнисменот Витанов дел oд ветувањата се остварени, но ефектите и по десет години не се видливи.
„ Македонија е без конкуренција, во целиот регион имаме најлоша инфраструктура. Со пет држави граничиме а немаме автопат со Тирана, Приштина, Софија, единствено има автопат кон Солун и Белград но тој е направен од друга држава од друго време.
Значи ние стратешки ниту железница ниту автопат направивме ниту брани, ниту енергетски проекти, се што е суштински и инфраструктурно за економска одржливост, што е предуслов за едно стопанство. Ако во нешто беше успешна оваа владејачка гарнитура во изминатите десет години, особено од 2008 година до денес, тоа е во огромниот трговски дефицит, огромниот дефицит во буџетот и ненормалната задолженост. Таква преголема задолженост од нормално економско стопанисување не можеше да дојде. Или многу се крадело или многу недомаќински се работело.Ако во нешто беа успешни, е тоа што направија обратно од тоа што ветија“, вели Витанов.
Од следната недела се очекува политичките партии да ги презентираат програмите. Но изминативе денови некои од поголемите политички партии најавија дел од клучните мерки во економските програми.
ВМРО ДПМНЕ најави намалување на даночните оптоварувања, целосна обнова на возниот парк на „Македонски железници“, нов експресен пат од Битола до граничниот премин Меџитлија.
СДСМ пак најави зголемување на минималната плата, помош за мали и средни претпријатија,активни мерки за нови 64 илјади вработувања. Од ДПА посочија дека во нивната економска програма фокусот ќе биде ставен на фискалната амнестија. ДУИ досега нема соопштено детали од економската програма.
