Непотизмот во Македонија: Заев со татко му или Груевски со Мијалков?
Заев да признае дека местел тендери на својот татко и чичко, бара ВМРО ДПМНЕ. Лидерот на СДСМ пак со прашање до Премиерот: Дали е непотизам назначувањето на братучедот Сашо Мијалков за директор на ДБК?
По прес конференцијата што пред два дена ја држеше министерот за образование Спиро Ристовски, денеска и министерот за здравство Никола Тодоров во име на својата партија побара Зоран Заев да каже дали татко му и чичко му добивале јавни набавки и договори со општина Струмица и со општинските установи додека тој е на градоначалничката функција. Тодоров истакна и дека имаат документи за зделката.
„Фирмата на татко и на чичко му на Зоран Заев, Зови промет од јавната општинска установа „Детска радост“ и претходно во повеќе наврати добивала јавни набавки и договори. Оваа фирма во седум наврати склучила договор за јавни набавки со „Детска радост” во вкупна вредност од, замислете, 30,4 милиони денари. Договорите се склучени на 31 декември 2009, на 1 февруари 2011 два договори, на 26 декември 2011 два договори и на 11 април 2013 година уште два договори. Триесет милиони денари од средствата на оваа општинска установа завршиле на сметката на приватната фирма на таткото на Зоран Заев, Панчо Заев. За да биде скандалот уште поголем на 12 декември 2011 година општина Струмица склучува директен договор со фирмата Зови промет во вредност од дополнителни 84.400 денари. Синот Заев Зоран склучува договор во име на општината со таткото Заев Панчо за јавна набавка“, изјави Тодоров кој обвини за непотизам и класичен судир на интерес за СДСМ .
Претходно на прес конференција, опозицискиот лидер беше дециден дека нема непотизам и судир на интереси во општина Струмица, каде како што изјави, тендери добивале и пратеници и советници на ВМРО ДПМНЕ“.
Притоа тој го повика на ТВ дуел премиерот Груевски и го запраша, дали е непотизам назначувањето на братучедот Сашо Мијалков за директор на ДБК.
„Дали е непотизам назначувањето на Вашиот прв братучед Сашо Мијалков за директор на ДБК? Дали со ваквата поставеност на Мијалков му овозможивте да има неконтролирана моќ, да сее страв и трепет во државата? Дали Сашо Мијалков е создавачот на Вашата криминална олигархија која според некои проценки има стекнато личен капитал во вредност од фантастични една милјарда евра? Дали во овој случај Никола Груевски и Сашо Мијалков имаат судир на интереси и заеднички семеен бизнис интерес? Дали Вие, Мијалков и Ставревски сте мозокот на операцијата во која последниве 7 години се одлеани повеќе од 3,5 милијарди евра пари на граѓаните во непознат правец и во приватни џебови? Ова е грабеж од епски размери што го разори македонското стопанство, ги упропасти домашните компании, на граѓаните им натовари тешка сиромаштијата“, запраша лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Слично
