Неочекуван потег на саудискиот Арамко - ги зголеми цените на нафтата за јули
Саудиска Арабија нагло ги зголеми продажните цени на својата сурова нафта за испорака во јули, што предизвика општ пораст на цената на „црното злато“ на светските берзи.
Најголемиот светски извозник на нафта Сауди Арамко ги зголеми цените на нафтата за купувачите во Азија, северозападна Европа и Медитеранот, додека ги задржа цените за американските увозници непроменети.
Цената на европската нафта брент за испорака во јули (фјучерс договори), под влијание на одлуката на Арамко, се искачи на 120,1 долар за барел, а американската референтна нафта WTI скокна на 119,8 долари за барел во тргувањето до 11:05 часот по европско време. според веб-страницата oilprice.com.
Потегот на Арамко дојде и покрај минатонеделната одлука на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници да ја зголемат вкупната квота за зголемување на производството за 50 отсто во јули и август на 648.000 барели на ден, од 432.000 барели дневно во последните месеци.
Дополнително, денешниот скок на цената на „црното злато“, според Фил Розен, извршен директор на Хес, придонесе за оценката на учесниците на пазарот дека зголемувањето на производството на ОПЕК + не е доволно за да се компензира исклучувањето на руската нафта од глобалниот пазар поради санкциите и бојкотите.
Според некои аналитичари, зголемувањето на цената на Арамко е мотивирано од очекуваниот раст на побарувачката, особено во Азија, каде што се олеснуваат мерките за ограничување на пандемијата и се рестартира производството во неколку компании.
Слично
