Ненад Лазаров: Не може и не смее да содржи палмино масло, а да се нарекува млечен производ
Доктор Ненад Лазаров вели дека палминото масло не е директно канцерогено само по себе, а јавноста треба да биде подобро информирана за вистинските ризици поврзани со неговата употреба.
Тој посочува дека палминото масло содржи значително повеќе заситени масти од многу други растителни масла, поради што може да биде понеповолно за здравјето, особено кога се користи за пржење. Сепак, според него, многу поголем проблем претставува начинот на кој се декларираат одредени производи.
„Измамата е проблем. Не може и не смее да содржи палмино масло, а да се нарекува млечен производ. Тоа е едноставно и е регулирано во Европската Унија“, вели Лазаров.
Тој нагласува дека прашањето за палминото масло има и сериозна еколошка димензија, бидејќи неговото производство е поврзано со уништување на огромни површини тропски шуми ширум светот.

Според него, во актуелната дебата околу палминото масло постојат многу посериозни прашања од самата канцерогеност.
„Проблеми има триста други во случајов, најмал е канцерогеноста“, додава Лазаров.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе вонредни контроли и зема 91 мостра од млеко, млечни и сувомесни производи од домашно производство и од увоз, со цел да се провери дали квалитетот на производите одговара на она што е наведено на декларациите.
