Нема зима за премиерлигата, добивката расте побргу и од огромните плати на фудбалерите
Англиските премиерлигашки клубови (20) во сезоната 2016/2017 имале бруто-приходи од рекордни 4,5 милијарди фунти (5,14 мл евра), објавија аналитичарите на Делоит. Клубовите имале просечна заработка од 570 милиони евра (без платен данок), што исто така е рекорд. Трошоците за плати на клубовите се зголемиле за 9 отсто, до 2,8 милијарди евра, што е значително пониска стапка во однос на зголемените приходи, кои се зголемиле за 25 отсто.
Главниот фактор за порастот на приходите е тригодишниот договор на Премиер-лигата што е во сила од сезоната 2016/2017. Компаниите „Скај спорт“ и БТ платија рекордни 5,86 милијарди евра за пренос на натпреварите во Велика Британија во периодот од 2016 до 2019-та. Но на најновата аукција за домашните ТВ-права, сумите не ги достигнаа тие височини, односно за пренос на натпреварите на 20 клуба во Премиер-лигата, во циклусот 2019-2022 година, компаниите платија „само“ 5,30 милијарди евра.
– И покрај помалата сума пари за домашните договори за ТВ-правата, ние очекуваме зголемување на вкупните приходи во наредните сезони. Доколку тоа се дополни со повнимателна контрола на трошоците, очекуваме добивката, пред оданочување, да се зголемува според предвидената динамика – вели Дан Џонс, шефот на спортската деловна група на Делоит, додавајќи оти „воздржаноста што ја покажуваат клубовите кога станува збор за платите значи успешно деловно работење и повеќе приходи за нив“.
