Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕМА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА МИНИМАЛЕЦОТ ДО МАРТ: Дурмиши вели дека нема економска оправданост за тоа

НЕМА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА МИНИМАЛЕЦОТ ДО МАРТ: Дурмиши вели дека нема економска оправданост за тоа

Инфлацијата во месец ноември годинава изнесува 0,5 проценти, а на годишно ниво е околу 4 проценти што укажува на стабилизација на ценовните движења. Проекциите се дека следната година, инфлацијата ќе биде под 3 проценти, соопшти министерот за економија и труд Бесар Дурмиши по седницата на Економско-социјалниот совет.

„Ние како влада никогаш не сме биле против зголемување на минималната плата, туку преку дијалог оставаме тоа да биде договор помеѓу работодавачите и работниците. Сепак, според нашите индикатори, во вакви економски услови нема оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување во март кое е јасно утврдено со закон и кое би било помеѓу 1500 и 2000 денари, поточно ќе знаеме после Нова година“, рече Дурмиши. 

Вели дека нагло и непланирано зголемување на платите без поврзаност со продуктивноста и економските капацитети би создале дополнителен притисок врз малите и средни претпријатија, како и ризик врз работните места. 

„Нашата цел е минималната плата да расте постепено, одржливо и предвидливо, со што ќе се обезбеди сигурност и за работниците и за економијата. Социјалниот дијалог продолжува и Економско-социјалниот совет останува клучна платформа за усогласување на ставовите во интерес на граѓаните и стабилниот економски развој“, посочи тој. 

Не одговори директно на прашањето за предлогот да се качи минималецот а да останат придонесите исти, туку повтори дека нема простор за покачување на минималната плата пред предвиденото. 

„Економските параметри не покажуваат дека треба да интервенираме директно, зошто ќе се соочиме со зголемување на инфлацијата, малите и средните претпријатија ќе се соочат со економски проблеми и ќе бидат приморани да ги испуштат вработените што не е во интерес на работниците и државата. Секогаш сме викале синдикатите и работодавачите да седнат и да се договорат“, додаде Дурмиши. 

Министерот додава дека формулата и методологијата со која се пресметува минималецот е на сила и ставот доаѓа од таа формула. 

„Секое зголемување на минималната плата без економска оправданост ќе предизвика проблем и ќе имаме зголемување на инфлацијата. Нашите проекции се инфлацијата да биде под 3 проценти, што значи стабилизација. Ќе се соочат фирми со проблеми. Но, ако имаат заеднички договор на синдикатите и работодавачите, ние ќе се согласиме. Сакаме и ние како влада минималната плата да биде 1000 евра. Во Бугарија, Албанија, Турција, минималната плата е помала од нашата. Работиме да расте минималната плата, но гледаме тоа да биде одржливо и да расте и економијата“, вели тој. 

Слично

Поврзани вести