НЕМА ВЕЌЕ НИТУ НЕР, НИТУ ГА-МА, ЌЕ ПОСТОИ САМО НОМАГАС - главнината тежи 60 милиони евра, еве кои се новите директори
Повеќе нема да постои ниту НЕР, а тоа се Националните енергетски ресурси, односно државното преторијатие за изградба на гасификацијата, ниту ГА-МА, претпријатието за пренос на природен гас, кое државата пред извесен период целосно го дооткупи од приватната компанија „Макпетрол“.
Сега ќе постои само едно акционерско во државна сопственост, а тоа ќе биде НОМАГАС, кое настана како спојување на двете одделни акционерски друштва.
Објавата за своето формирање НОМАГАС ја испрати до јавноста преку Македонската берза за хартии од вредност, во делот на објави од друштвата на слободен пазар.
НОМАГАС Скопје ќе биде акционерско друштво за вршење на енергетска дејност за пренос на природен гас во државна сопственост.
„Во Трговскиот регистар точно на 30 декември минатата година е направен упис на статусната промена – спојување на АД за вршење на енергетски дејности НЕР во државна сопственост и АД ГА-МА Скопје. Новото друштво корисник кое што е настанато со спојувањето е со назив АД за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС, или скратено НОМАГАСД АД Скопје“, се вели во објавата до Берзата.
Она пак, што е наведено во Трговскиот регистар, според податоците до кои дојде Фактор, е дека основната главнина на друштвото ќе биде близу 60 милиони евра, или прецизно 58.357.000 евра. Притоа, со оглед што станува збор за акционерско друштво, тоа ќе има издадени вкупно 583.570 обични акции, со номинална вредност на една акција од по 100 евра. Притоа, паричниот влог на новото АД е 20.777.200 евра, додека, пак, непаричниот влог изнесува 37.579.800 евра.
Како сопственик и основач на новото акционерско друштво е наведена Владата на Република Северна Македонија. Приоритетна дејност на НОМАГАС ќе биде цевоводен транспорт.
Бајрам Реџепи, досегашниот директор на НЕР, ќе биде нов извршен директор на НОМАГАС, односно извршен член на Одборот на директори, што практично значи прв човек на новото АД во сопственост на државата.
Потоа, неизвршни членови на Одборот на директори на НОМАГАС ќе бидат, како што е наведено во регистарот, Ристо Талевски, Дарко Башоски, Бетиане Китев, и Рафис Аљити. Всушност, дел од овие директори се префрлаат од претходните, ГА-МА и НЕР, во новото АД НОМАГАС.
Па така, стружанецот Ристо Талевски претходно, според веб страницата на АД ГА-МА, беше претседател на Бордот на директори, а сега се префрла да биде неизвршен член на Одборот на директори на НОМАГАС.
Она што е интересно е дека неизвршен член на Бордот на новото АД ќе биде и Дарко Башоски, од Пештани Охрид, човек кој досега не беше ниту во раководството на НЕР, ниту во раководството на ГА-МА. За него не можат да се најдат многу податоци на интернет пребарувачите, а она што излегува се апартмани Башоски Охрид.
Рафис Аљити, пак, беше неизвршен член на Одборот на директори на ГА-МА, додека, пак, Бетиане Китев, кој го поматиме и како поранешен пратеник од СДСМ, беше неизвршен и независен член на Бордот на ГА-МА.
Засега не е познато што ќе се случи со Александар Арсиќ, досегашниот извршен директор на ГА-МА, за кого се верува дека ќе остане во НОМАГАС, како и со Сашко Костов, неизвршниот член на ГА-МА.
Додека, пак, во сегашниот состав на Одборот на директори на НЕР, покрај Реџепи, ( кој ќе биде прв човек и на НОМАГАС) се и Александра Маројевиќ, претседател на Одборот, и Дејан Цветаноски, неизвршен член, за кои не се знае дали ќе имаат и позиции во НОМАГАС.
Н.Н.Ф.
