Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕМА ВЕЌЕ КУПУВАЊЕ ОД ТЕМУ БЕЗ ДА ПЛАТИТЕ ДАНОК: Се крчкаат нови законски измени

НЕМА ВЕЌЕ КУПУВАЊЕ ОД ТЕМУ БЕЗ ДА ПЛАТИТЕ ДАНОК: Се крчкаат нови законски измени

Владата го достави до Собранието Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност (ДДВ), со кој се предлага укинување на досегашното ослободување од плаќање ДДВ при увоз на пратки со мала вредност до 22 евра, испорачани од странство кон домашни примачи.

Според новите измени, ослободувањето ќе важи само за мали пратки од некомерцијална природа, испратени од физичко лице до физичко лице, доколку нивната вредност не надминува 22 евра во денарска противвредност. Исклучени се пратки што содржат алкохол и алкохолни пијалаци, парфеми, тоалетни води, како и тутун и тутунски производи.

Ова значи дека онлајн купувањата од странски веб-страници, без разлика на нивната вредност, ќе бидат предмет на оданочување со ДДВ, што ја усогласува земјата со европската практика, имајќи предвид дека Европската унија го укина истиот праг уште во 2021 година.

Иако Предлог-законот е поднесен во Собранието, поради тековните локални избори, не може да се стави на гласање во овој момент. Според најавите од Министерството за финансии, измените се очекува да бидат разгледани и изгласани кон средината на ноември, веднаш по завршувањето на изборниот процес.

Министерството за финансии посочува дека измените нема да имаат негативни фискални последици врз Буџетот и нема да бараат дополнителни финансиски средства за спроведување. Сепак, експертите предупредуваат дека поштенските оператори и Царината ќе се соочат со зголемен број на пратки што ќе треба да бидат обработени со ДДВ-обврска, што може да создаде административен притисок.

Со измената на член 27-б од Законот за ДДВ се додава нова точка (2-а) и се брише старата точка (26-а), со што се затвора можноста за ослободување на пратки до 22 евра од странство.

На удар со новите измени ќе бидат најмногу малите пратки од платформи како Temu, Shein, AliExpress и слични онлајн продавници, преку кои македонските потрошувачи најчесто нарачуваат евтини производи под 20 евра. Досега овие пратки пристигнуваа без дополнителни давачки, но со новите измени ќе мора да минат царинска постапка и да се пресмета ДДВ, што ќе ја зголеми конечната цена за купувачите и може да го намали интересот за вакви нарачки.

Новите одредби ќе стапат во сила осмиот ден по објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, по нивното усвојување од страна на Собранието.


Слично

Поврзани вести