Нема веќе шетање по шалтери, административците ќе ги прибираат документите
Странките од 1 август нема да шетаат по шалтери, и да носат документи и докази освен оние кои државата не ги поседува во својата евиденција, туку тоа ќе го прават административните службеници.
Тие со службена должност се обврзани да ги обезбедат документите во рок од три дена.
Новината е предвидена со новиот Закон за општа управна постапка и усогласените со него 168 материјални закони од областите што уредуваат управни постапки и јавни услуги. Тие треба да стапат во сила за еден месец.
Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска-Томовска, вели дека од граѓаните и компаниите ќе се бараат само докази кои се од личен карактер како што се лекарски потврди, договори за купопродажба, за закуп, градежни елаборати. Нема да се доставуваат потврди, уверенија, изводи, решенија, одлуки, лиценци, дозволи и одобренија кои во своите евиденции веќе ги поседуваат министерствата, државните органи, правните и физички лица со јавни овластувања, како и општините.
„Службеникот кој во рок од три дена во име на граѓаните или компаниите нема да ги побара или достави бараните докази ќе биде казнет со глоба од 25 евра за секој предмет кој го работи. Со ваквиот начин на работа ќе се заштедат време и средства за граѓаните и компаниите кои ќе немат обврска да одат од шалтер на шалтер и кои ќе плаќаат на една, а не на десетици уплатници за различните документи неопходни како докази во конкретна постапка“ - изјави Арсовска-Томовска.
Јавните органи податоците и документите ќе треба да ги разменуваат во електронска форма. Со овој Закон, истакна, ќе се случи најголемата промена во работата на јавната администрација во последните 8 децении. Со него се заменува претходниот ЗОУП кој со мали измени беше во примена од 1930 година.
