Нема правда кога јавниот долг расте – нов протест на „Шарената револуција“
Активисти од „Шарената револуција“ вечерва во 19 часот ќе протестираат во Скопје поради задолжувањето на државата.
Протестот вообичаено ќе почне пред канцелариите на Специјалното јавно обвинителство.
„Нема правда кога јавниот долг вртоглаво расте. Секој граѓанин на Македонија веќе должи по 2.200 евра, а режимот сака да го задолжи за уште 330 евра, во очајнички обид да продолжи да владее криминално. Нема да дозволиме! Не прифаќаме државата и граѓаните да тонат во долгови! Не ги признаваме долговите на расипниците!“- пишуваат на Фејсбук од „Шарената револуција“.
Владата деновиве објави дека издава еврообврзница на 650 милиони евра.
Вчера се појави и петиција „Не за еврообврзницата!“ на која граѓаните се изјаснуваат против одлуката за ново задолжување.
Повеќето партии алармираа дека ова ќе биде ново задолжување на товар на граѓаните и на идните генерации.
Дел од нив побараа да се повлече одлуката за добро на граѓаните.
