Нема покана за НАТО годинава – ниту за нас, ниту за Црна Гора
Ништо од очекуваното проширување на НАТО на претстојниот самит во Велика Британија. Генералниот секретар на Алијансата Андерс Фог Расмусен утрово соопшти дека Црна Гора и Грузија нема да добијат покана годинава, а Македонија воопшто не ја спомна во овој контекст.
„Со Црна Гора ќе започнеме интензивни и фокусирани разговори, а најдоцна до крајот на 2015 година ќе одлучиме дали да ја повикаме да влезе во Алијансата. Кога станува збор за Грузија, пак,наместо зачленување на оваа земја ќе и биде понуден „важен пакет“ кој ќе и помогне да се приближи кон НАТО. Деталната содржина на тој пакет ќе биде утврдена во следните неколку недели“, рече Расмусен.
Црна Гора се надеваше дека би можела да добие покана за членство веќе во септември годинава, на самитот што ќе се одржи во Велс.
Меѓутоа, дипломатски извори во седиштето на НАТО велат дека земјите-членки на министерскиот состанок што се одржува вчера и денеска во Брисел не постигнале согласност за членството на овие земји. Главен противник на зачленувањето на Грузија е Франција, која смета дека таков потег непотребно би ја иритирал Русија.
Кога станува збор за Црна Гора, мнозинството од членките на Алијансата сметале дека се потребни понатамошни реформи, пред се на политички план и во сферата на владеење на правото. Македонија воопшто не се споменува, иако на вчерашната вечера министрите за надворешни работи од земјите-членки разговарале и за напредокот на земјава.
„Да бидам јасен: вратите на НАТО остануваат отворени и ниту една трета земја не поседува право на вето за проширувањето на Алијансата“, рече Расмусен, откако министрите го разгледаа напредокот направен од аспирантките: Македонија, Грузија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
„Секоја од нив има да заврши определена работа, во различни области и ние ќе им ја дадеме на аспирантите потребната подрршка за да можат да влезат низ вратата на Алијансата“, додаде тој.
Самитот на НАТО во Велс се најавуваше како можност за проширување за да се потврди политиката на „отворени врати“, но и за да се заземе јасен став за влијанието на Алијансата во контекст на одново заладените односи меѓу Русија и западните земји.
За попладнево е закажана и пресконференција на Расмусен.
Слично
