Нема одложување на роковите – Високи казни за Макстил и Југохром
Нема одложување на рокот туку високи казни. Владата не ги прифати барањата на Макстил и Југохром за пролонгирање на рокот за исполнување на еколошките стандарди за добивање А интегрирана еколошка дозвола. Државниот инспекторат за екологија веќе добил задолжение да им изрече високи казни и да им наложи до 31 октомври годинава да ги комплетираат сите неопходни технолошки процеси.
- Во врска со процедурата за добивање А интегрирана еколошка дозвола во однос од поголемите капацитети од страна на Министерството за екологија бевме информирани дека условите ги имаат исполнето Фени, Топлификација која се гасифицираше, Саса, Техногас, Адинг, Алкалоид, Цементарница, ОКТА и десетици други компании со што се заокружува процесот, вели портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.
Преку Министерството за екологија, барање за пролонгирање на рокот поднеле Макстил и Југохром. Тие во барањето навеле дека од Оперативниот план за добивање дозвола имаат исполнето дваесетина точки и остануваат за исполнување уште шест точки за кои што имаат преземено чекори и се во фаза на реализација. Тие зависат од технички процедури за кои е потребно поголемо време на набавка и за инсталирање.
- Ние не ги прифативме барањата на компаниите за поголемо пролонгирање на роковите односно барања за пролонгирање и до неколку години, единствено дозволивме за овие две компании рокот за комплетирање на процесите, инсталациите и градбите да биде продолжен за не повеќе од шест месеци, а во меѓувреме Владата наложи на Државниот инспекторат за екологија да изрече казни кон овие две компании согласно Законот за екологија во висина од повеќе стотици илјади евра и да им наложи на компаниите најдоцна до 31.10.2014 да ги комплетираат сите технолошки процеси, вели Ѓеорѓиев
Владата ги разгледува опциите на овие две компании да им биде наложено во овој период од шест месеци нивните капацитети да работат со намалено производство, што би требало да значи и намалена емисија на гасови, а во исто време да нема отпуштање од работа на работници од компаниите.
За енергетските капацитети кои вршат јавна дејност и за кои капацитети се веќе отпочнати фазите на реализација на инвестиции во инсталации во висина од повеќе десетици милиони евра, врз основа на новата Одлука на Министерскиот совет на енергетската заедница било одлучено да се усогласат роковите за имплементација на меѓународното и националното законодавство кои предвидуваат овие капацитети до крајот на 2017 година да се усогласат со сите претпоставени еколошки стандарди.
Слично
