Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕМА КОЈ ДА ПОСЛУЖУВА НИЗ МАКЕДОНСКИТЕ КАФАНИ - келнерите меѓу најбараните професии заедно со хигиеничарите

НЕМА КОЈ ДА ПОСЛУЖУВА НИЗ МАКЕДОНСКИТЕ КАФАНИ - келнерите меѓу најбараните професии заедно со хигиеничарите

Продавачи, угостителски работник, општ работник, келнер, столар, програмер, хигиеничар, административен службеник, општ работник... Ова се мал дел од дејностите за кои во овој период има активни огласи за вработување објавени на веб страната на Агенцијата за вработување.

Првичниот впечаток е дека периодов има силна потрага по келнери, но и други типови на работници во угостителскиот сектор, како готвачи, собарки... бидејќи има повеќе огласи од различни компании кои бараат кандидати за оваа позиција. 

Сепак, податоците на Агенцијата откриваат дека изминатиов период најголема потреба на пазарот имало за продавачи. Имено за позицијата продавач имало 555 отворени работни места. Оваа дејност и во последната анализа на Агенцијата беше во врвот со најмногу слободни работни позиции во Македонија, но тогаш имаше  701 отворено работно место.

Податоците откриваат дека меѓу најбараните занимања во нашата земја е хигиеничар на станбен и деловен простор, занимање кое долг период беше и на самиот врв, но сега се најде на втора позиција со 544 отворени работни места, а само пред кратко време имаше 639 отворени позиции.

Во последното ажурирање во врвот изби и работната позиција келнер. Ова најверојатно се должи на сезонската побарувачка по келнери, но и заминувањето на бројни работници од земјава на работа во некои од туристичките дестинации во околината и пошироко. 

Согласно последните податоци, за занимањето келнер има отворено 531 позиција, додека на претходното рангирање имаше 448 отворени работни места.

Податоците покажуваат дека за позицијата општ работник има отворено 349 работни места, што е драстично помалку од претходните анализи. 

Последните податоци покажуваат дека се трага по 308 возачи на камиони, 275 шанкери, 252 административни работници....

За занимањето програмер, кое е едно од омилените меѓу младите има отворени само 97 работни места.

Кога станува збор за слободни работни места по дејности, на врвот изби секторот сместување и послужување храна, со отворени 1.648 работни места. Потоа следува трговијата на големо и мало, каде што има отворени 1.577 работни позиции. На трето место пак е преработувачката индустрија, која важи за најголем „апсорбер“ на работници, и таму се отворени 1.541 работни позиции. 

Најлесно би било да се најде работа во главниот град, бидејќи во Скопје има најмногу отворени работни места, дури 5.668, а по него следува Тетово со 518 отворени места, па Охрид со 511 позиции, Струмица со 441 работни позици, и на крај Битола со 368 работни позиции, а потоа доаѓаат другите градови. 

П.О.

Слично

Поврзани вести