Нема договор на преговорите помеѓу Грција и кредиторите
Преговорите помеѓу Грција и нејзините кредитори завршија без постигнат договор за лошите банкарски кредити.
По 17-часовни преговори Грција и кредиторите не успеаја да постигнат договор за следната транша на земјата, како сопнување од камен за тоа се покажаа проблематичните кредити во голем број грчки банки.
Консултациите ќе продолжат и денеска. Се очекува екипата од економисти да се сретне со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Според извори на грчкото Министерство за финансии Атина и кредиторите се согласиле за измените во раководствата на банките и улогата на грчкиот фонд за финансиска стабилност и неговата рекапитализација.
Минатиот понеделник министрите за финансии на еврозоната се состанаа во Брисел за да разговараат за обезбедување на следната транша за Грција во износ од 2 милијарди евра. Тие соопштија дека очекуваат компромис за грчката програма и договор во наредните денови.
