НЕМА ДИЗЕЛ НА БЕНЗИНСКИТЕ ПУМПИ ВО АВСТРИЈА: Рафинеријата ОМВ работи само со петтина од капацитеот
Министерката за енергетика на Австрија, Леоноре Гевеслер
повторно донесе одлука за пуштање во оптек 60.000 тони дизел од националните
резерви, за да се обезбеди снабдување со тој енергенс.
Како што соопштија од нејзиниот кабинет, соодветниот предлог е испратен до собранието откако е постигнат договор со ОМВ и останатиот дел од нафтената индустрија. Последниве денови на бензинските пумпи низ земјава се почесто можеше да се види пораката дека веќе нема дизел.
Со пуштање во оптек нови количества дизел треба да се обезбеди снабдување во Австрија се додека рафинеријата ОМВ во Швехат повторно не почне со работа.
Имено, од јуни кога се случи инцидентот во рафинеријата, односно во главната фабрика за дестилација на нафта, оваа главна рафинерија работи само со петтина од својот капацитет. Се очекува во октомври повторно да работи со полн капацитет. Во текот на летото, Министерството во два наврати пуштило во оптек гориво од националните резерви.
Прво, на 4 јуни кога беа одобрени во оптек 112.000 тони дизел и 56.000 тони бензин, а на 12 јули беа одобрени 100.000 тони дизел и 45.000 полупроизводи горива. Во Австрија, вадењето гориво од националните резерви мора да биде одобрено од парламентот.
ФОТО: EPA