Нема „Црна листа“ за управители на згради ниту јавен увид во предмети од незадоволни страни
Прокиснати кровови, лифтови и гаражи кои постојано се „одржуваат“, неподнослива бучава и недолично однесување од поединечни станари, нарушување на хигиената од „дуќаџии“, и недостиг на справување со колективните недостатоци на зградите. Станарите и сопствениците на поединечни делови сѐ повеќе се жалат на неефикасност на фирмите кои се лиценцирани за управување со згради, но и од недоволниот ангажман на надлежните институции, особено општините и инспекторатите кои треба да ги решаваат проблемите, особено во урбаните средини. Според статистиките околу 500 претставки годишно се поднесуваат до надлежните институции.
Идеите за формирање „Црна листа“ на управители, слично како што УЈП редовно објавува црна листа на фирми кои должат данок и не ги подмириле обврските, засега не наоѓа на поддршка кај институциите. Иако постои законска обврска, станарите речиси воопшто не добиваат информации од управителите на месечна, полугодишна и годишна основа. Сметките кои стигнуваат исто така не се добро образложени во однос на трошоците и начинот на кој се располага со резервниот фонд. Ниту постои особена транспарентност при избор на фирми или мајстори за одржување и сервисирање на редовните проблеми, како што се лифтовите, гаражите, осветлувањето и другите заеднички потреби.
Што најчесто ги мачи станарите?
- Неодржување: Кровови што протекуваат, лифтови што „паѓаат“, нечисти влезови.
- Финансиска магла: Нетранспарентно трошење на резервниот фонд и нејасни сметки.
- Куќен ред: Немоќ пред бучни станари или неодговорни сопственици на деловни простории.
- Институционален лавиринт: Институциите се прогласуваат за ненадлежни, а управителите се одговорни само „на хартија“
А, ако во одредена зграда има проблематичен станар, кираџија или дуќанџија, тогаш речиси сите креваат раце од проблемот и се прогласуваат за „ненадлежни“.
Сопствениците на станбен и деловен простор чии односи ги регулира Законот за домување, а кои го предале управувањето на зградата на лиценцирана фирма управител и натаму немаат јавен увид во историјатот на конкретната компанија, во однос на нејзините предмети кои може да се решаваат и со посредство на Регулаторната комисија за домување или други надлежните институции. Иако се направени обиди да се зголеми транспарентноста на овој регулиран „бизнис“, како што е Регистарот на управители и Регистарот на склучени договори со сопствениците на посебни делови, и натаму не постои увид во содржината на одлуките кои ги носи РКД во однос на фирмите управители.
Неодамна, по извршените проверки за усогласеност со новите одредби од Законот за домување, на четири фирми управители им беа одеземени лиценците. Сепак, се отвара прашањето за посуштинска контрола и увид во работењето на лиценцираните компании во однос на поплаките од станарите и сопствениците, како што се неодржување, финансиски злоупотреби, непостапување по куќен ред, неинформирање.
Според РКД во периодот 2023-2025 година се поднесени 1.270 барања за посредување во споровите меѓу управителите и станарите, за што биле предложени соодветни мерки.
„Регулаторната комисија за домување е транспарентна за граѓаните така што на својата веб страна www.rkd.gov.mk ги има објавено Извештаите за работата на РКД, а од каде што може да се види дека до Регулаторната комисија за домување во периодот од 2023 - 2025 година поднесени се вкупно 1270 барања за посредување во спорови меѓу управители, претседатели на заедници на сопственици и сопственици на посебни делови и барања за мислење, пријави, претставки и слично“, велат од РКД.
За секој од нив поединечно, Регулаторната комисија за домување предложила соодветни мерки и истите им ги доставила на инволвираните странки.
„РКД се произнесе со соодветни мислења за примена на одредби од Законот за домување. Податоци од Извештајот за првата половина од 2026 година ќе бидат достапни после 15 јули 2026 година или после доставување на истиот до Собрание на РСМ“, дополнуваат од РКД.
Во контекст на неодамна одземените четири лиценци, се поставува прашањето како РКД планира да ја зголеми теренската контрола?
„Регулаторната комисија за домување согласно своите надлежности од член 109 став 1 точка 6 од Законот за домување ги издава, продолжува и одзема лиценците за управител за вршење на дејностите на управување со станбените згради и води регистер на управители на станбени згради и согласно член 6 од Правилникот за начинот на издавање, продолжување и одземање на Лиценцата за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради ("Службен весник на РМ" бр.63/2019). Со Законот за изменување и дополнување на Законот за домување ("Службен весник на РМ", бр.55/2013 и бр.163/2013), направени се измени во член 10 став 4 алинеа 1 во кој е предвидено како услов за поседување на лиценца тековната состојба од Централен Регистар на РСМ да биде со минимален паричен влог од 5.000 евра во денарска противвредност и став 7 во кој е предвидено одземање на лиценца за управители за вршење на дејностите за управување со станбена зграда доколку се утврди дека правното или физичкото лице по добивањето на лиценцата не исполнува некој од условите за добивање на лиценцата. Од овие причини а, согласно своите надлежности од член 109 став 1 точка 10 од Законот за домување. Регулаторната комисија за домување врши редовни периодични проверки на управителите за исполнувањето на условите врз основа на кои им е издадена лиценцата со барање на податоци за вработените од фирмата, обрасци М1 и М2 (извод од компјутерски запис) и тековна состојба од Централен Регистар на РСМ, потребни за да се утврди дали сеуште се исполнети условите за лиценца од член 10 од Законот за домување“, велат од РКД.
Сепак, тоа што недостасува се суштински контроли и проверки на работењето на фирмите управители, покрај основните услови за висината на основачкиот влог и бројот на задолжителни вработени.
Од одговорност не треба да бидат изоставени ниту општините и инспекторатите кои се задолжени во случај РКД да не може да постапи, тие да ги решаваат проблемите по препраќање на предметот за постапување до нивната адреса.
Х.С.