Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕМА АНАЛИЗИ ЗА ЕКОНОМИЧНОСТ ВО КОРИСТЕЊЕ ВОЗИЛА НА ЛИЗИНГ - ревизорите бараат повнимателен пристап од СОЗР

НЕМА АНАЛИЗИ ЗА ЕКОНОМИЧНОСТ ВО КОРИСТЕЊЕ ВОЗИЛА НА ЛИЗИНГ - ревизорите бараат повнимателен пристап од СОЗР

Нема анализа за економската оправданост за користењето возила на лизинг. Недостига процедура или упатства за утврдување на вистинската потреба од возила или од условите кои треба да ги исполнат. Капак на се, за лизинг на возила за државните институции последните години се јавувала само една фирма.

Ова е само мал дел од забелешките на Државниот завод за ревизија кој изврши ревизија на работењето на Службата за општи и заеднички работи на Владата за 2024 година и утврди сериозни слабости во начинот на кој со години се набавуваат службени возила од висока класа за државните институции.

Ревизорите укажуваат дека уште од 2012 година Службата има воспоставено практика потребите од вакви возила да ги обезбедува исклучиво преку оперативен лизинг, без да се спроведуваат сеопфатни анализи кои би покажале дали овој модел е најекономичен и најефикасен за државниот буџет.

Иако Законот за лизинг не предвидува ограничувања за неговата примена од страна на органите на државната управа, ревизијата покажува дека постапките за набавка на возила преку оперативен лизинг во 2018, 2021 и 2024 година се спроведувале по веќе воспоставена шема, без детална споредба со алтернативата – редовна набавка на возила.

Притоа, не постојат процедури или упатства со кои би се уредило планирањето на реалните потреби од возила, нивните конкретни карактеристики, условите за користење, ниту пак финансиските, безбедносните и еколошките аспекти.

Ревизорите констатирале дека во последните три постапки се набавувал идентичен број возила – 45, што укажува на формален, а не на реален пристап при утврдувањето на потребите. Дополнително, Службата не обезбедила информации од институциите дали во меѓувреме се промениле нивните потреби, дали дел од возилата се веќе набавени по друг основ или дали воопшто постои оправдана потреба за продолжување на лизингот.

Во извештајот се наведува и дека не се врши детална анализа на економската оправданост на оперативниот лизинг, односно не се спроведува cost-benefit анализа во која би се согледале сите трошоци и користи. Како аргумент за изборот на лизинг, Службата наведува дека со стабилна месечна рата се избегнуваат дополнителни финансиски импликации, бидејќи трошоците ги покрива давателот на лизингот. Сепак, ревизијата утврдила дека овие трошоци во понудите на избраните економски оператори се прикажани одделно од основната месечна закупнина и заедно ја формираат реалната цена на лизингот.

Дополнителен ризик, според ревизорите, претставува и фактот што во последните три постапки за јавна набавка учествувал само еден понудувач, што укажува на недоволна конкуренција и потреба од појасно и поконкурентно дефинирање на техничките спецификации, со цел да се избегне можноста за фаворизирање на одредени економски оператори.

Државниот завод за ревизија препорачува Службата, при идни одлуки за набавка на возила, да спроведува детални анализи кои ќе ја земат предвид резидуалната вредност на возилата по истекот на лизингот, можноста за нивно подолгорочно користење без дополнителни трошоци, како и вкупниот ефект врз државниот имот и буџет. Според ревизијата, ваквиот пристап би овозможил поекономично управување со јавните средства и зголемување на вредноста на државниот имот.

Во однос на забелешките на Службата дека техничката спецификација за возилата е изготвена со мислење од Машинскиот факултет, ревизијата појаснува дека тоа било земено предвид, но нагласува дека фокусот не е на техничките карактеристики, туку на отсуството на сеопфатни финансиски и економски анализи при изборот на моделот на набавка, особено имајќи ги предвид досегашните трошоци и долгорочните ефекти врз јавните финансии.

П.О.

Слично

Поврзани вести