Неколку куќи изгореа во пожар на Лезбос
Голем пожар има во јужниот дел на грчкиот остров Лезбос.
Префектот на островите во северниот дел на Егејското море, Костас Муѕурис за грчката телевизија ЕРТ рече дека во пожарот се изгорени неколку домови, а разговарал со министерот за климатска криза и цивилна заштита Христос Стилијанидис за од Атина, итно да стигнат на Лезбос воздушни средства. Жителите се превентивно евакуирани, јави дописничката на МИА од Атина.
Според локалните медиуми од островот, се работи за туристичко место, а освен домови, евакуирани се и хотели.
Во гаснењето на пожарот интервенираат 50 пожарникари со два пешадиски тима, 17 возила, седум авиони и еден хеликоптер, а помагаат и пожарникари волонтери и цистерни од општините.
Претходно имаше пожар во близина на Националниот парк Дадиа во областа Еврос.
Пожари имаше и близу Атина. Пред 4 години во катастрофалните пожари кај Атина за само 4 часа во Мати на Атика, настрадаа 102 луѓе, меѓу кои и деца.
