НЕКОИ МНОГУ ТЕШКО, А ДРУГИ МНОГУ ЛЕСНО ГИ ЗАДОВОЛУВААТ ПОТРЕБИТЕ: Колкав е јазот меѓу овие две категории граѓани?

Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) во 2024 година, 21 отсто од домаќинствата се изјасниле дека многу тешко ги задоволуваат потребите со приходите, а лесно ги подмирувале трошоците само 1.9 отсто.

„Исчезнува средната класа. Ние сме слоевито општество, а средната класа се приближува на нискиот слој, заради трошоците за живот и многу други работи. Ние одиме кон некој нов вид на капитализам, а бизнисите на одредени високи слоеви располагаат со многу средства што за обичниот граѓанин е недостапно, особено за оние кои работат во администрација, во училишта и слично. каде просечната плата е околу 40.000 денари“, вели Јасмина Караниколова, социолог.
Ако ги споредиме податоците, во 2023 година, 25.1 отсто изјавиле дека многу тешко ги задоволуваат потребите, а дека многу лесно се снаоѓаат со трошоците рекле 0.5 отсто.
Во 2022 година, податоците се полоши, односно дури 28.5 отсто од луѓето рекле дека многу тешко ги задоволуваат потребите, а во 2021 година тој процент бил 21.2, во 2020 година изнесувал 25.2. Во 2019 година 23.3 отсто од граѓаните одговориле дека многу тешко ги задоволуваат потребите. Во 2018 година состојбата била полоша, односно дури 28.9 отсто многу тешко ги задоволувале потребите. Во 2017 година, 28.6 отсто од луѓето многу тешко ги покривале трошоците. Во 2016 година, процентот е висок, дури 31.2 отсто многу тешко ги задоволувале потребите. Во 2015 година, 30 отсто од луѓето рекле дека многу тешко ги покриваат потребите. Инаку, во 2012 година дури 40.1 отсто од граѓаните многу тешко ги задоволувале потребите со своите приходи. Во 2011 година процентот бил 40.4.
Сања Атанасовска