Економија, финансии, бизнис

Контакт

Некогаш познат молер и баран мајстор, а сега е бездомник!

Некогаш познат молер и баран мајстор, а сега  е бездомник!

Имаше работа и постојани муштерии. Ме бараа за работа. Се ценеше трудот. По 16 години брак се разведов. Заминав под кирија. Во станот останаа да живеат браќата кои во меѓувреме оформија и семејства. Почнав со алкохолот и од тогаш животот оди надо

Осум години Благоја Бошков живее на улица. Под отворено небо. Некогаш познатиот молер и баран мајстор сега  е бездомник. Пред десетина години бил среќно оженет човек со три деца, но животот му ја покажал и мрачната страна. По 16 години брак се развел од жената и заминал под кирија. Оттогаш на животниот пат наидувал само на невољи. Се оддал на алкохол и лошо друштво, разочарувањето отишло дотаму што во еден миг останал без скршен денар, беа пријатели и без кров над глава. Газдите вели не сакале да го примат без да плати кирија, сметките станувале се поголеми, а тој тонел во долгови и очај.

“Бездомништвото трае осум години. Работев како молер. Имаше работа и постојани муштерии. Ме бараа за работа. Се ценеше трудот. По 16 години брак се разведов. Заминав под кирија. Во станот останаа да живеат  браќата  кои во меѓувреме оформија  и семејства. Почнав со  алкохолот и од тогаш животот  оди во надолна линија. Децата повремено  ме посетуваа но откако останав на улица не. До пред некоја година и од социјалното  имаше посети и помош но од 2014 год. па наваму тие посети престанаа” - раскажува Благоја.  

Спие под отворено небо во текот на целата година, барајки “топло ќоше” во некој агол во некој од објектите низ центарот на Скопје. Во петок го посетува пунктот на Црвениот крст во Момин поток, каде може да се избања и да земе топол оброк, облека. Вели зависи од добрината на хуманите луѓе и подадената рака. Во саботите здружението “ЉУБЕЗНОСТ”  му носи топол оброк, често го снабдува со ќебиња, вреќа за спиење, лекарства. Неколкупати досега раскажува дека му  било  понудено да биде сместен во прифатилиштето за бездомници во Чичино село, но поради лошата безбедност и лошите услови во самиот комплекс,  ја одбил  понудата.

Благоја  е желен за нов почеток и повторно да му се врати на занаетот, но досега никако не му оди од рака. Имал неколку повреди на ногата кои поради неговата состојба тешко заздравуваат. Зимата е неговиот најголем душман. Најтешко е вели  да се поминат  долгите зимски месеци кога студот влегува во коски. Секоја пролет е нова надеж  за нов почеток. Копнее да се исправи и да се врати на занаетот, да почне да заработува. Се надева дека од следната пролет ќе може да ја реализира конечно својата желба.

Здруеженито Љубезност  три години  го реализира Хуманитарниот проект “ВИСТИНСКИ ДЕЛА НА ЉУБЕЗНОСТ”. Секоја сабота во центарот на Скопје, пред спомен домот на Мајка Тереза делат топол оброк за бездомниците. Велат го знаат Благоја  и неговата мака, но слична судбина со неговата делат стотици бездомници. Секој им ја раскажува својата судбина. Многу семејства од ранливите категории  немаат пари  за  да стигнат во центарот, па волонтерите им носат храна и хуманитарна помош во нивните домови. Досега раскажуваат дека е направена цела хуманитарна мрежа за помош на најзагрозените.

“Започнавме како неформална група од 2 семејства, ние и наши блиски пријатели. Купувајки во маркетите за себе, одвојувавме секогаш дел и го дониравме на луѓе кои немаат, кои висат над контенерите или пак просат за парче леб. Прво им делевме сендвичи, но потоа почнавме и готвена храна. Ги поттикнуваме граѓаните да донираат храна која ја доставувавме секоја седмица на некое социјално загрозено семејство. Почнаа да не подржуваат и наши пријатели и роднини и да ни помагаат со донации. Неделните потреби за готвење се покриваат со донации на храна од граѓани и компании, чиј број постојано се зголемува”- објаснува Тони Станковски од здружението “Љубезност “.

На безомниците вели им помагаат со донации на зимска облека, обувки, ќебиња, вреќи за спиење. Продолжуваат  и со посети на социјално загрозени семејства во нивните домови.

“Со нивна дозвола фотографиравме и потребите ги објавувавме на facebook. Почнаа да не контактираат граќаните и да ни донираат храна, облека, ќебиња, постелнина, бела техника и разна друга покуќнина. Со донациите повторно ги посетувавме семејствата и повторно фотографиравме и објавувавме, се со цел да донаторите видат дека нивните донации стигнале на вистинското место. На тој начин покажувавме дека сме целосно транспарнтни во тоа што го работиме и ја градиме довербата со луѓето. Едно македонско семејство кое живее и работи во Норвешка беше толку импресионирано, што ни помогна во набавка на комбе за да можеме полесно да ги обавуваме нашите акции”- додава Станковски.

Минатата година донирале помош за 62 семејства, кои во текот на годината ги посетиле и по неколку пати.  За една година нивниот број се зголемил  на 144 семејства, во кои влегуваат посетите  на социјално загрозени семејства, самохрани мајки,  болни и изнемоштени. Во иднина според Станковски  плановите на здружението се прошируваат кон идејата за отворање на Центар за социјална реинтеграција преку  народна кујна,  работилници за учење занаети  и психолошка работилница за родителите, едукативна работилница за децата на социјално загрозени семејства и бездомници, како и отворање на прифатилиште за самохрани родители и нивна заштита – со можност за самоодржлив развој.

Секоја година, на 10-от ден од 10-от месец во годината се одбележува  светскиот ден на бездомниците што симболично покажува дека просечно секој десетти граѓанин на Планетата земја нема свој сопствен дом. Според податоците  на Организацијата на Обединетите нации, во светот живеат над 100 милиони бездомници. Во Македонија оваа бројка е околу стотина кои секојдневно се пред очите на граѓаните,  но сепак се  незабележани, луѓе кои  ги врзува само едно- суровиот живот на улицата.


Слично

Поврзани вести