Економија, финансии, бизнис

Контакт

Некогаш беше „златна кокошка“ на Скопје, сега има рекордна загуба од 4,2 милиони евра

Некогаш беше „златна кокошка“ на Скопје, сега има рекордна загуба од 4,2 милиони евра

Некогашната скопска „златна кокошка“ ЈП Водовод и канализација минатата година ја завршил со загуба во работењето од рекордни 256 милиони денари, односно околу 4,2 милиони евра.

Ова е наведено во самиот финансиски извештај на најголемото градско претпријатие за годината 2024. Досега искажаната годишна загуба во работењето никогаш во последно време не била поголема од милион евра, а имало и години кога добивката била околу 2 милиони евра. Од работењето на ЈП Водовод и канализација Скопје зависат и приходите на двете комунални претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“.

Кај наплатата се забележани нешто помали приходи од стопанството, а најголем дел од трошоците се остварени за платите на 1.066 работници како просечен број на вработени во 2024. Вкупните трошоци се зголемиле на 1,9 милијарди денари (31,4 милиони евра) и тие бележат раст од 10,5 отсто споредено со една година претходно.

„Трошоците за вработените учествуваат со 46,65 отсто од вкупните приходи од работењето за 2024 година, а 40,40 проценти во вкупните трошоци од работењето во 2024. Трошоците на вработените, кои се однесуваат на нето платите, придонесите и даноците - односно бруто платата за 2024 година е зголемена за 5,5 отсто во однос на 2023“, се забележува во отчетот.

За нето-плати во 2024 биле поделени 490 милиони денари, споредено со 464 милиони денари во 2023 година. Сепак тука влегува и 13-тата бонус плата за годишен одмор, која е надвор од трошокот за регрес. Чисто за редовно работење биле исплатени 405 милиони денари за нето плати. Според тоа, излегува дека просечната месечна нето плата во „Водовод и канализација“ била 31.660 денари минатата година.

Претходната година загубата на ЈП Водовод и канализација - Скопје изнесуваше 350.000 евра. Последен пат добивка била прикажана за 2020, тогаш од милион евра

А.К.

Слично

Поврзани вести