Негативен тренд на странски инвестиции во Албанија-падот е 42 проценти
Во Албанија во првиот квартал годинава директните странски инвестиции бележат намалување споредено со истиот период лани за 109 милиони евра или 42%.
Според податоци на Централна банка на Албанија од јануари до март 2016 година, странските компании во албанската економија инвестирале 152,2 милиони евра, наспроти 261,2 милиони евра во истиот период лани.
Се смета дека падот на странските инвестиции е поради неповолните случувања на странските пазари на нафта и минерали.„Во периодот 2013-2014 година над 60% од странските инвестиции во земјата биле во активностите на ископот на нафта и минерали. Но, последните две години цената на нафтата и минералите на глобалниот пазар паднаа на најниско ниво што влијае и на намалувањето на инвестициите“-наведува банката.
Директните странски инвестиции во Албанија го достигнаа врвот во 2013 година, кога странски компании во албанската економија инвестирале дури 944,7 милиони евра.
Во 2014 година се свеле на 869 милиони, а лани имале благ пораст и достигнале 881 милион евра.
Економските експерти од Албанија последниве неколку години објаснуваат дека е голем интересот на странците, особено на Италијанците, Грците, Турците и Германците за инвестирање во Албанија.