НЕДЕЛНА БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: Гранит, Алкалоид и Комерцијална банка го вратија оптимизмот!
Последната трговска недела во 2014 година забележа умерен и одмерен, но сепак, оптимизам кај инвеститорите. „Гранит“ со рекордна највисока цена, „Комерцијална банка“ со џиновски скок на цената од 4,4 отсто , а „Алкалоид“ најпосакуван и најбаран
„Кога не знаеш што да купиш“ тогаш вложи во најликвидната, во најстабилната и во акцијата што секогаш е на мета на трејдерите, оваа берзанска дефиниција во целост беше применета во практика во последната трговска недела годинава на нашата берза.
Најтргувана акција оваа седмица беше „Алкалоид“. Прометот изнесува 4,7 милиони денари, а акцијата се тргуваше во маргина од 5.049 до 5.100 денари за акција. Иако обемот на тргување не е изразито висок, но сепак е континуиран и се одвива со плитки ценовни маргини кои генерално продуцираат раст на просечните цени на таа можеби и најпосакувана акција на нашиот пазар на капитал во последниве неколку месеци. Очигледно е дека инвеститорите на нашиот пазар на капитал ја сакаат акцијата на „Алкалоид“ во своето портфолио и многу често ја чуваат во комбинација содруги акции. Заради тоа што е ликвидна, заради тоа што носи редовна дивиденда и заради тоа што на среден рок носи капитална добивка која се остварува од разлика во куповна и во продажна цена. Сите овие атрибути ја прават оваа акција подобар финансиски инструмент одошто е вложувањето во банкарски денарски депозит.
Според остварениот промет акцијата на „Комерцијална банка“ е втора со реализација од 2,76 милиони денари. Оваа седмица таа акција оствари, за нејзини прилики џиновски неделен ценовен скок! Дури 85 денари во позитива. Минатата недела последната цена беше 1.915 денари, а оваа седмица затвори тргување на цена од 2.000 денари за акција. Очигледно дека долната маргина од 1.915 денари за акција побуди голем интерес кај купувачите, но недостигот на понуда создаде впечаток дека секоја цена близу до таа односно до маргината од 2.000 денари може да биде добитна на краток рок. Останува да видиме како понатаму ќе се одвива бесконечната борба на бикот и на мечката на македонскиот пазар на капитал.
„Гранит“ една од трите блу-чип акции оваа седмица повторно на рекордна годишна цена – 597 денари за акција. Во споредба со најниската цена од претгодната седмица таа акција бележи раст на цената од 2,7 отсто. Вкупниот промет за оваа седмица е 2,4 милиони денари.
Маргината од еден милион денари промет оваа седмица ја надмина и „Макпетрол“ со реализација од 1,7 милиони денари. Ценовната маргина е 21.700 до 22.200 денари за акција. „Макпетрол“ веќе подолго време во континуитет се наметнува како четврта најликвидна акција на домашниот пазар на капитал. Веројанто инвеститорите ги мотивира неговата силна пазарна позиција и очекувањата дека окрупнувањето на ситната акционерска структура ќе донесе за нив капитална добивка од „купи-продај“ трансакции. Останува да видиме и да уживаме набљудувајќи ги нивните надмудрувања и убедувања.
Во „милионерите“ оваа седмица беше и акцијата на „Македонијатурист“ –најсилниот скопски угостителски холдинг во чиј состав има повеќе скопски хотели. Прометот со таа акција изнесува 1,56 милиони денари, а беше постигнат во само една трансакција по единствена цена од 3.900 денари за акција. Тоа доволно зборува за моменталната „длабочина“ за нашиот пазар на капитал на сегментот берзанска котација.
На сегментот „задолжителна котација“ очекувано и стандардно најликвидни акции беа „Македонски телеком“ со промет 0,75 милиони денари, а втора беше обичната акција на „Стопанска банка Скопје“ со промет од 0,64 милиони денари.
Слично
