Економија, финансии, бизнис

Контакт

Неделава нов извештај од СЈО и судење за „Пуч“

Неделава нов извештај од СЈО и судење за „Пуч“

Два клучни  настани поврзани со работата на Специјалното јавно обвинителство ќе се одржат неделава.

Станува збор за поднесувањето на новиот шестмесечен извештај за работата на СЈО, на 15 септември и закажаното рочиште во Кривичниот суд за случајот „Пуч“, следниот ден.

Јанева вториот извештај ќе го поднесе на годишнината од нејзиното назначување за специјална јавна обвинителка и од основањето на СЈО.

Првиот извештај на Јанева, од 15 март, доведе до расправии меѓу СЈО и Советот на јавни обвинители. Советот инсистираше Јанева лично да образложи делови од извештајот, поради што седниците за негово разгледување беа неколкупати одложувани. Истото го бараа и  од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Пратениците на владејачкото мнозинство тогаш  ја обвинија Јанева дека со нејзиното недоаѓање не ги почитува институциите и се става над Собранието и над Уставот.

Во  судењето за „Пуч“  меѓу обвинетите се лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, последното рочиште се одржа на 2 март.

Јанева тогаш бараше одложување на расправата затоа што на судењата не доаѓа сведокот, кој е оштетен во случајот и дека од судот не им се доставени копиите од списите и електронските докази што им се потребни за да ги подготват воведните говори. Јанева не го кажа името на сведокот, но јасно е дека станува збор за поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Следното рочиште беше закажно за 3 мај, но тоа воопшто не се одржа бидејќи во меѓувреме се случи аболицијата на 56 политичари и нивни соработници, која на 12 април ја донесе, а потоа ја укина шефот на државата, Ѓорге Иванов.

На почетокот на јуни, по укинувањето на аболицијата, Апелацискиот суд Скопје ги прифати жалбите на СЈО и на обвинетите во „Пуч“ против одлуката на Кривичниот суд за запирање на процесот и донесе одлука судењето да продолжи. Апелацискиот суд претходно донесе одлука со која му наложи на Кривичниот суд да ѝ ги даде на Јанева копиите и доказите, но од првостепениот суд одговорија дека тие немаат обврска да ги дадат копиите и покрај одлуката на Апелација.

Слично

Поврзани вести