НЕДЕЛА НЕРАБОТЕН ДЕН ЌЕ ГО НАМАЛИ БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИ: Стопанствениците строго контра, реагираат до Владата
Да се ограничи работата во одредени денови недела и празници во услови на специфични околности, пандемиска и енeргетска криза е несериозно и без визија за економскиот амбиент во кој функционира државата. Стопанствениците од Стопанската комора се на ставот дека овој концепт е спротивен на концептот за економски развој на државата и сметаат дека законското прогласување на недела за неработен ден е неуставно и нелегитимно.
„Во услови на сложена економска состојба, владина одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи, цена на електричната енергија која е за 8 пати поголема од просечната цена пред само 5 месеци, со активна одлука за кризна состојба заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија, како и фактот дека светот се`уште функционира во услови на Ковид-19 состојба со сериозна здравствена криза која беше главен причинител и за светска економска криза, да се дебатира за законски решенија со кои ќе се ограничи работата во одредени денови односно недела и празници, покажува крајна несериозност и немање визија за економскиот амбиент во кој државата функционира во моментов и дека концептот на законот е спротивен на концептот за економски развој на државата. Предложеното решение директно задира во слободата на пазарот и на претприемништвото, која, во согласност со член 55 од Уставот на РСМ, може да се ограничи со закон единствено заради одбрана на Републиката или заради зачувување на природата, животната средина или на здравјето. Неприфатливо за принципите на пазарната економија е со административен акт да се определува листа на дејности на кои ќе им се дозволи да спроведуваат работни процеси во недела. Ваквата определба е неуставна и нелегитимна, вели Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора.
Пратениците го изгласаа законското решение односно измените на Законот за работни односи со кои недела е неработен ден, освен за некои исклучоци. Според измените, ако работникот работи во недела треба да има слободен ден во последователната недела и дневница 50 отсто повисока од утврдената.
Од Комората велат дека треба да се воспостави систем на контрола бидејќи и претходно недела беше неработен ден. Сметаат дека сега на ваков начин ќе се стимулира работаат на црно.
„Вакво законско решение ќе стимулира работа на црно во неработните денови во услови на зголемен број на работа од дома пред се поради корона кризата, а индустриските гранки и услужниот сектор кои се засегнати ќе претрпат сериозни штети. Дополнителен проблем е што има нееднаков третман за вработените по сектори, односно нееднакво оптоварување за различни дејности не само во процентот на дневницата и придонесот, туку и во зафаќање од прометот направен во неработниот ден од соодветната дејност, вели Михајловска Василевска.
Комората веќе ја извести и Владата за нивниот став а клучните забелешки се дека во многу сектори, особено во преработувачката индустрија, природата на работниот процес е таква што не може и не смее да биде прекинувана.
Се смета дека забраната за работа во недела за многу работодавци нужно ќе доведе до состојба да мора да го намалат бројот на ангажирана работна сила, но и степенот на продуктивност.
Според стопанствениците, контрапродуктивен и ограничувачки е пристапот на одделно именување дејности на кои ќе им биде дозволено да работат во недела, со нивно наведување во законот.
„Сметаме дека ваквиот пристап ќе доведе до многу проблеми во практиката и до неможност за спроведување некои активности или процеси кои се од витално значење за државата. За компаниите кои процесот на работа го организираат во смени најчесто според системот на ротирања, со четири бригади кои наизменично работат во смени, па имаат два дена слободни, неприфатливо и неприменливо е решението да се исплатува посебен додаток на плата за работа во недела. За овие работници загарантирано е правото на неделен одмор во други денови од неделата и неоправдано е да се прави разграничување меѓу работниците на кои, на ротациска основа, наизменично понеделник и вторник ќе им бидат денови на неделен одмор и на работници на кои денови на неделен одмор би им биле сабота и недела, вели Михајловска Василевска.
Инаку според Комората предложеното решение излегува од границите што ги поставуваат Директивата 2003/88 на ЕУ, која уредува одредени аспекти за организација на работното време, како и Конвенциите 14 и 106 на Меѓународната организација на трудот.
А.Т.
