НЕ ВИ СЕ ВЕРУВА, АМА МОЖНО Е: Квадрат на Јадранот за помалку од 500 евра
Сењ е еден од градовите во кои може да се најдат добри шанси за купување на станови.
Како што пренесуваат регионалните медиуми податоците на еден портал за огласување во тој град во текот на април околу 30 одсто огласени станови имале цена на квадрат пониска од 1000 евра. Во центарот на Сењ е огласен стан чија цена изнесува дури околу 350 евра по метар квадратен. Се работи за стан со површина од околу 115 квадрати, кој се продавал по цена од 40 000 евра.
Купувањето на недвижнини на Јадранот на многумина им се чини како невозможна мисија. Прчината за тоа е што често високите цени се карактеристични за тие подрачја, па бројни граѓани можат само да сонуваат за сопствени „квадрати“ на море.
Исклучоци има, па во поедини градови ширум хрватските брегови може да се најдат станови чии цени се пониски од 500 евра по метар квадратен.
Становите кои се продаваат така поволно имаат некои заеднички обележја: на некои им е потребно реновирање, некои се сместени во поткровјето или се работи за продажба на кат од семејна куќа.
Освен ниските цени и добра локација, заеднички карактеристики на овие станови се старите градби и неопходноста од адаптација, па додатните вложувања се реално сценарио.
За куќи и станови со голема површина, поради големите суми пари, вообичаено е цената на квадратот да е пониска од просечната. Во Риека се продаваат неколку станови чија цена изнесува околу 500 евра по метар квадратен. Во тие случаи се работи за продажба на кат на семејна куќа, големи станови со површина од преку 100 квадрати или за станови кои се наоѓаат во поткровјето.
Притиснати од теретот на кредити многу сопственици се принудени да ги продаваат своите недвижнини под пазарната вредност.
Во Задар се продавал стан со поглед на море, со површина од 81 метар квадратен, по цена од дури 47.000 евра, односно само 580 евра по квадрат, а кредитот во швајцарски франци се наведувал како причина за продажба.
