Економија, финансии, бизнис

Контакт

„НЕ СМЕ ГАДЛИВИ, ЌЕ ЗЕМЕМЕ НАФТА ОД ИРАК, ЌЕ РАЗГОВАРАМ СО ВЕНЕЦУЕЛА“: Вучиќ кажа кои се алтернативите на Србија

„НЕ СМЕ ГАДЛИВИ, ЌЕ ЗЕМЕМЕ НАФТА ОД ИРАК, ЌЕ РАЗГОВАРАМ СО ВЕНЕЦУЕЛА“: Вучиќ кажа кои се алтернативите на Србија

Финансиите на Србија се доволно издржливи за да обезбедат алтернативи за руските енергетски извори, со цел да се реши недостигот што се очекува во наредните месеци, изјави претседателот Александар Вучиќ во интервју за Ројтерс.

Србија е во голема мера зависна од руската нафта и гас, чија испорака беше нарушена по војната во Украина и воведувањето санкции против Москва од страна на Европската унија, во која оваа балканска земја сака да се приклучи, оценува британската новинска агенција.

Вучиќ рече дека Србија бара алтернативно снабдување со гориво каде што може.

- Мораме да ја платиме цената на војната на европско тло - рече тој, но додаде дека луѓето нема да страдаат бидејќи финансискиот систем на земјата може да се справи со актуелните настани.

- Ќе земеме нафта од Ирак... Ќе се обидам да разговарам и со Венецуела. Би земале од каде било. Ние не сме гадливи - додаде Вучиќ.

Србија, исто така, планира да купи гас од Азербејџан во 2023 година и ја зголеми количината на гас во складиштето на највисоко ниво досега.

Вучиќ рече дека земјата има доволно гас во складиштата за 60 дена, користејќи ги домашните капацитети и изнајмено складиште во соседна Унгарија.

- Таму веќе има 607 милиони кубни метри гас, што значи дека ако го трошите во зима... можете да добиете... 10 милиони кубни метри дневно или над 60 дена - рече Вучиќ.

Србија, исто така, треба да набави дополнителен јаглен за своите термоелектрани, кои обезбедуваат речиси 70 отсто од електричната енергија во земјата. Вучиќ рече дека Србија бара да купи околу два милиони тони јаглен дури и од Кина и Индонезија и дека има пари за тоа.

-Бруто домашниот производ на Србија се очекува да порасне за околу четири проценти оваа година, рече тој.

Инфлацијата, сепак, е висока, главно поради поскапувањето на горивото поврзано со руската инвазија на Украина, која започна на 24 февруари, пишува Ројтерс.

Централната банка објави дека инфлацијата во Србија во јули изнесувала 12,8 отсто, наспроти 11,9 отсто во јуни.


Слично

Поврзани вести