НЕ СИТЕ КОМПАНИИ ЌЕ МОРА ДА ИМААТ ОБЈЕКТ ЗА СКЛАДИРАЊЕ НА СТРУЈАТА: се крчкаат законски измени, еве кои се новините
Правно лице кое сака да добие лиценца за вршење енергетска дејност ќе мора да добие претходно овластување за изградба на објектот од Министерството за енергетика. Објектите за енергетика кои ќе бидат финансирани од државата ќе бидат исклучени од обврската да имаат простор за складирање на вишокот електрична енергија.
Ова се дел од измените на Законот за енергетика, кои веќе се доставени во Собранието и кои според предлагачите, пратеници од редовите на владејачкото мнозинство, треба да се донесат по брза постапка.
Според објаснувањето овие измени се со цел да се обезбеди појасна и применлива законска рамка, да се создаде правна сигурност за субјектите во секторот и да се овозможи ефикасно остварување на целите на енергетската политика. Со предлогот се уредуваат клучни прашања поврзани со енергетските дејности, правата и обврските на потрошувачите и корисниците на системите, пристапот и приклучувањето на преносни и дистрибутивни системи, како и изградбата и работењето на енергетските објекти.
Една од значајните новини е воведувањето дефиниција за поимот „енергетска сиромаштија“, со што се создава основа за креирање и спроведување мерки и политики за поддршка на домаќинствата со ограничена можност за обезбедување соодветни енергетски услуги.
Дополнително, се допрецизира процедурата за издавање лиценца за производство на електрична енергија, така што за издавање лиценца претходно мора да биде издадено овластување за изградба на енергетски објект од страна на Министерството.
- Лиценца за вршење енергетска дејност производство на електрична енергија се издава доколку на правното лице претходно му е издадено овластување за изградба на енергетски објект од Министерството согласно со овој закон– се посочува во законот.
Со измените исто така се доуредува и обврската за инсталирање складишта на електрична енергија за електроцентрали кои користат варијабилни обновливи извори на енергија, при што се воведува исклучок за објекти кои се финансирани од Буџетот или преку заем со државна гаранција.
- Обврската за инсталирање на складиште на електрична енергија со инсталирана моќност од најмалку 20% а најмногу 40% од инсталираната моќност на електроцентралата изразен во MW не се однесува за електроцентрала и/или објект за производство на електрична енергија чија изградба се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија, односно заем за кој се издава гаранцијата од страна на Република Северна Македонија– стои во законските решенија.
Предлогот дополнително прецизира трговијата со горива, особено со тешки дестилати, мазут, битумен и нафтен кокс, овозможувајќи поефикасно и безбедно вршење на дејноста.
- Со членот 4 се воведува исклучок од обврската трговијата на големо со горива да се врши преку објекти за складирање на големо, при што се пропишува дека трговијата на големо со тешки дестилати, тешки нафтени деривати (мазут и сите видови масла за ложење), како и со битумен и нафтен кокс, може да се врши и без користење на такви објекти. Со ова решение се врши прецизирање на законските одредби согласно специфичната природа на овие нафтени производи и начинот на нивниот промет, со што се овозможува поефикасно вршење на дејноста без да се нарушат условите за безбедно и законито работење– пишува во објаснувањето на законските измени.
Предлогот на закон исто така овозможува спроведување на писмениот дел од стручниот испит и во електронска форма преку Министерството, усогласено со прописите за електронско управување, што ја олеснува постапката за кандидатите и обезбедува поголема флексибилност во спроведувањето на енергетските лиценци и проекти.
Со овие измени се очекува олеснување на инвестициите во производство на електрична енергија од обновливи извори, обезбедување правна сигурност, континуирано спроведување на Годишниот план за изградба на енергетски објекти и поефикасна примена на мерките за заштита на потрошувачите и енергетската стабилност во земјата.
П.О.
