Економија, финансии, бизнис

Контакт

Не се гледа крајот на Скопје 2014, се склучуваат нови милионски договори

Не се гледа крајот на Скопје 2014, се склучуваат нови милионски договори

Според официјалните документи за мегаломанскиот проект Скопје 2014 од почетокот досега потрошени се 670 милиони евра, а не се гледа ни крајот на изградбата, ниту пак на трошењето на државните пари.

Уште 1 милион евра ќе бидат платени за довршување на изградбата на барокната зграда на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје. Со образложение дека се појавиле непредвидени работи за доизградба на управната зграда, договорот со фирмата Алдинг – инжинеринг од Скопје е склучен без претходно да биде објавен оглас.

Овој договор за довршување на објектот кој е дел од проектот Скопје 2014, се склучува во екот на изборната кампања за предвремените парламентарни избори на 11 декември. Парите, според договорот објавен на Бирото за јавни набавки, ќе бидат исплатени од буџетот на јавното претпријатие.

Досега за управната зграда на „Водовот и канализација“ се искеширани 20.356.000 евра. А, со најновиот договор со Алдинг – инжинеринг цената се зголеми за уште еден милион евра.

Изградбата на објектот започна во декември 2011 година и тогаш беше најавено дека ќе биде завршена за три години и ќе чини десет милиони евра. Тендерот за изградба го доби австриската фирма „Алпине бау“, но во 2013 година прогласи банкрот, па јавното претпријатие склучи нов договор со „Алдинг“ во вредност од 7,5 милиони евра, која продолжи да ја гради зградата под скопско Кале.

За финансирање на градењето, ЈП „Водовод и канализација“ во 2014 година подигна кредит од 7,3 милиони евра, ставајќи ја зградата во градба под хипотека. Задолжувањето на јавното претпријатие беше одобрено од советниците на Град Скопје и покрај спротивставувањето на опозицијата.

Новото седиште на ЈП „Водовод и канализација“ е високо 21 метар, има пет ката и подземен паркинг на три нивоа, што ќе може да прими 138 возила. Површината на градба изнесува 5.326 метри квадратни, додека подземните нивоа зафаќаат простор со површина од 5.334 метри квадратни. Објектот се гради врз основа на идејното решение на авторот Жарко Чаушевски.

Уште 360.000 евра и за Факултетот за драмски уметности

На име непредвидени работи, склучен е договор и со градежната фирма „Гранит“ во вредност од 360.000 евра за доизградба на објектот на Факултетот за драмски уметности. И за оваа бизнис зделка не е распишан јавен оглас.

Изградбата на барокниот објект, на кејот на реката Вардар, спроти МНР, во кој е планирано да се смести Факултетот за драмски уметности започна во април 2012 година.

Освен на Факултетот во зградата е планирано да има и канцеларии на повеќе државни институции: Биро за судско вештачење, Агенција за планирање на просторот, Државен завод за индустриска сопственост, Национална агенција за европски образовни програми, Биро за регионален развој, Дирекција за технолошки и индустриски зони, Агенција за цивилна воздушна пловидба, Државен девизен инспекторат, Дирекција за спречување на перење пари, како и дел од Управата за јавни приходи. За изградба на овој објект се издвоени финансиски средства во висина од околу 26 милиони евра.

Во рамки на проектот Скопје 2014 изградени се 136 објекти и тоа згради, катни гаражи, фасади, споменици, панорамско тркало, мостови, плоштади, скулптури.

Ј.М.


Слично

Поврзани вести