Не се гледа крај на падот на цената на нафтата
Цените на нафтата продолжија да паѓаат во тргувањето во Азија пред објавување на податоците за производство и залихи на тие сировини во САД.
Во текот на последната седмица во 2015 година, скратени после божиќните и новогодишни празници, цените беа променливи останувајќи во близина на повеќегодишниот минимум во светло на знаци дека глобалната презаситеност на понудата на сирова нафта ќе продолжи и во следната година, известува АФП.
Цената на американската „лесна“ нафта (WTI) за испораки во февруари паднала 68 центи на 37,19 долари, додека сировата нафта од типот „брент“ за испораки во истиот месец утрово се тргувала за 41 цент пониско, на 37,38 долари за барел.
Аналитичарите очекуваат дека американското Министерство за енергетика подоцна денес ќе објави пад на комерцијалните залихи на сирова нафта во неделата заклучно со 25 декември, додека Блумберг њуз проценува дека залихите и понатаму ќе бидат за повеќе од 120 милиони барели над петогодишниот сезонски просек.
Се очекува дека производството на нафта во САД ќе остане 9,1 милиони барели дневно, што нема да донесе олеснување во поглед на преобилните понуди кои повеќе од година дена ги притискаат цените, велат аналитичари.
Иран исто така очекува „подигање на рампата“ на свој извоз на нафта, откако идната година бидат укинати западните економски санкции како дел од договорот постигнар во јули 2015 за ограничување на нуклеарниот програм Техеран, што додатно ќе ги влоши дисбалансот во понудата и побарувачката на „црното злато“.
