НЕ САМО ШТО НЕ Е ДИРЕКТОР, ТУЏАРОВ РАЗРЕШЕН И ОД УПРАВЕН: Промени во Реплек
Иван Туџаров поранешниот директор на Реплек повеќе не е ниту член Управниот одбор на компанијата. На седница на Надзорниот одбор која се одржала во петокот тој е разрешен од фунцијата.
Долгогодишниот директор беше избран за член на Управниот орган од страна на новиот Надзорен одбор на 6 октомври месецов. Тогаш беше избран сиот состав на новиот Управен одбор на чие чело застана Душан Пецовски кој воедно е и генерален директор на компанијата. Со ова престана долгогодишното менаџирање на Реплек од страна на семејството Туџарови и ова беше прв пат во историјата на ваков начин да се сменат првите луѓе во една компанија
Сепак две недели подоцна Туџаров е разрешен и од одборот.
За нов член на УО е избрана Билјана Несторовска Ѓошевска.
Инаку други членови на Управниот одбор се Цане Талевски, Александар Томовски, Коста Котески.
Ваквиот расплет на настаните следува по изборот на новиот Надзорен одбор изгласан на седницата на 22 септември од страна на Собранието на акционери. Нови членови на Надзорен одбор се Антонио Георгиевски, Славица Туџарова Трајковска, Петар Андреевски и Владимир Гашевски. Токму тие вчера кренаа рака и гласаа “за“ новите членови на Управниот одбор. Овие промени пак следуваа по извесни акционерски смени.
Новиот директор Душан Пецовски е еден од најголемите поединечни акционери во Реплек односно сега поседува 11,92 отсто од акциите во друштвото. Тој и брат му беа едни од главните актери за промени во друштвото пролетоска. Некои турбуленции настанаа кога раководството предложи да се дели годинава дел од добивката на друштвото како дивиденда, во нето износ од 2.153 денари по акција, а награда за раководниот тим од 13,7 милиони денари.
А.Т.
