Економија, финансии, бизнис

Контакт

Не сакам да си заминам за Германија, ама ќе ме натерате!

Не сакам да си заминам за Германија, ама ќе ме натерате!
Студентите по медицина кои се запишани оваа учебна година ќе имаат екстерно тестирање во текот и на крајот од студиите.  Тие реагираат на   низа законски нелогичности со кои се предвидени парични глоби и санкции за идните лекари и специјализанти. Студентите по медицина покрај редовните и како што ги опишуваат обемни предмети за време на шест годишните студии, сега  имаат нов проблем -дополнителни екстерни тестирања од кои може да им зависи понатамошното школување.Велат една од најблагородните професии е ставена под лупа на брзо донесени закони за кои не  се консултирани  најзасегнатите-студентите и професорите. Дополнително, од Студентскиот пленум на Медицинскиот факултет сметаат дека Министерството за здравство врши директен  упад  во автономијата на факултетот преку Комисија која одлучува за иднината на студентите. “Зборуваме за стручниот испит, кој го спроведува Лекарската Комора, и кој всушност служи за стекнување на Лиценца за работа со пациенти во РМ. Досега, овој испит се полагаше, сосем јасно, по завршувањето на 6тата година од студии. Со новиот закон, кој ја опфаќа генерацијата запишана 2014/15, предвидено е да дел од овој испит се полага по завршувањето на втората година, што сметаме дека е реален проблем.Сепак, овој испит можеме да го класифицираме како екстерно тестирање, од причина што Министерството за Здравство ја формира комисијата која истиот ќе го спроведува, наместо оценувањето на нашето знаење да остане работа на нашите професори при Медицинскиот факултет”-вели Матеја Јовановска од Студентскиот пленум на Медицинскиот факултет. 11203059_990685567610506_6081735996364106854_n Таа објаснува дека  Министерството за Здравство ја определува Комисијата формирана од членови на Лекарската Комора, кои ќе го создаваат фондот на прашања, но за студентите по медицина е нејасно  дали  и колку овие членови се запознаени со начинот на изучување и тежината на материјата која се изучува. “Испитот по завршувањето на втората година од студирањето е предвиден да се полага некаде во летниот период по истата(не е специфицирано), односно би ги ускратил студентите од Августовската испитна сесија, со што би биле приморани да ги имаат положени сите 9 предмети (од кои некои се дво, или тросеместрални) опфатени во испитот, во само Јунската сесија. Воедно, на студентите им се одзема само едниот слободен месец во годината. Овој испит, исто така е услов за запишување на трета година студии. Во законот не е нагласено што ќе се случи кога студентот нема да го положи, кога повторно ќе биде одржан испитот, дали ќе му биде одземено правото на студирање.”-додава студентката Јовановска. Студирањето станува стрес место задоволство Од Студентскиот пленум реагираат дека имаат и  непотребно дополнително оптоварување на студиумот, без претходно вложување во неговиот квалитет, огромните финансиски средства кои ќе бидат потрошени при  реализирање на новопредвидените промени. Затоа  сметаат дека  тие мора да бидат пренасочени во сегментите на здравството и образованието во кои се неопходни. “Ние ќе бидеме изложени  под силни  психички притисоци и стрес поради  фактот што дел од испит потребен за лиценца за работа, ќе наметне да во најмала рака, дел од нас изгубат година или дури и ќе им оневозможи да продолжат со студиите.. Постојат огромен број причини за нашиот револт, навистина е нужно да тие бидат разгледани со повисоките органи и соодветно решени”-објаснуваат од Пленумот на студенти по медицина. Дополнителен проблем во големиот број на нелогичности во дел од законските одредби според студентите е и  снимањето на испитите како и високите парични казни кои велат  го девалвираат значењето на лекарската професија, академијата, стручноста и знаењето на професорите,лекарите и студентите. “Овој закон предвидува снимање на сите колоквиуми, полуспецијалистички, интермедиерни и специјалистички испити на специјализација. Покрај тоа што тие видео снимки ќе бидат дополнително психичко оптеретување и стрес за време на испитот, истите повлекуваат и големи финансиски трошоци за спроведување, снимање и складирање на податоците.Клучните проблеми се во поглед на уставноста на законот - нарушена автономија на универзитетот, правниот јазик - со законот се предвидуваат најситни детали од типот колку поени ќе носи еден точен одговор на тест и какви треба да бидат прашањата на тестот; работи за кои треба да одлучуваат нашите професори, немање услови за спроведување на измените - како институционални, така и физиолошки. Огромно оптеретување на студентите и специјализантите - како материјално, така си психичко, физичко и социјално. Неетичноста на законите. Не обезбедува заштита на правата на студентот односно специјазантот. Големите казни и дисциплински мерки кои се предвидуваат доколку не се исполнат условите. Девалвирање на значењето на лекарот во општеството и особено девалвирање на академијата, на стручноста и знаењата на професорите, лекарите и студентите”-објаснува Матеја Јовановска од Студентскиот пленум на Медицинскиот факултет. 11350485_990685594277170_595060459409617958_n Од Студентскиот пленум очекуваат поголема подршка од нивните колеги и професори од кои ќе бараат директно учество во креирање на нови и квалитетни решенија, бидејќи патот до медицинска диплома велат е тежок и трновит. Фактичката состојба,  според студентите покажува  дека здравството во нашата држава е далеку од сјајно. Платите велат се далеку од завидни, слично  и условите за работа. По дипломата правец Германија? “Според препораките на СЗО, треба да постои еден медицински факултет на 2 милиони жители,a Во нашата земја има 3, според некои шпекулации дури и четврт е на пат на акредитација. Проблемот лежи во тоа што постои хиперпродукција на кадар, се примаат огромен број на студенти, и иако дел од нив не успеваат да дипломираат, сепак резултатот е дефинитивен вишок на дипломирани лекари. Кај нас акцентот се става на лекари во изразен квантитет, додека пак квалитетот се занемарува. Нормално е дека со оглед на целокупната ситуација, квалитетниот кадар сака да побегне на Запад, таму да си ја побара среќата. Токму овој закон, овие предлог измени за кои што зборуваме, го докажуваат оној типичен „плукни-залепи“ пристап кој подолго време се применува во промените во здравството, а во конкретната ситуација веројатно начин да се елиминира дел од вишокот студенти. Но зарем e ДОЗВОЛИВО десетици млади луѓе да изгубат две години од својот живот? Зарем мора прво да ја направиме грешката па да ја исправаме, наместо веднаш да ја превенираме?” –прашуваат студентите. Според нив треба да се инвестира во  опрема, да се мотивираат професорите  да напишат свои дела, прилагодени на медицината во Македонија и да се  ограничи бројот на запишани студенти.  Министерството велат одредува казни и санкции, додава дополнителни испити и го отежнува студиумот, зголемувајќи ги и фрустрациите кај идниот лекар,а дополнително се жалат и на  воведување на  задолжителна употреба на странска литература која воопшто не соодвествува со целокупното здравство. Студентката Матеа Јовановска очекува нивните заложби да резултираат позитивно, а надлежните  ќе ги разберат нивните  аргументи и дека ќе се стигне до компромис. “Јас не сакам да дипломирам, да се спакувам и да заминам за, ете на пример Германија. Сакам да видам подобрување, напредок во мојата држава, во кој самата ќе учествувам и ќе го надоградувам, но доколку нашита гласови не бидат слушнати, и нашите барања исполнети, се плашам дека нема да стигнеме никаде, дека ситуацијата по овие измени може само да се влошува”-порачува студентката по медицина. С.Б.
Слично

Поврзани вести