НЕ ПРЕСТАНУВААТ: Вчера издадени 1.347 потврди за барање азил на бегалци
Не престанува бранот на мигранти кои транзитираат низ земјава.
Според информациите на МВР само во текот на вчерашниот ден се издадени потврди на вкупно 1.347 странски државјани.
Од нив 921 се од машки пол, 161 се од женски, 179се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 86 деца кои патуваат без родител, на кои издадена е потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-672, Авганистан –459, Ирак-150, додека другите се во помал број.
Инаку, министрите за внатрешни работи на Европската унија повторно ќе разговараат на вонредна средба во Брисел за распределбата на 120 илјади бегалци помеѓу земјите членки.
Формално шемата може лесно да се претвори во европски закон, затоа што треба да се гласа со квалификувано мнозинство без владите да имаат право на вето. Ротирачкото претседателство на Луксембург преферира да најде консензус наместо силно да ја наметне одлуката на несогласните Чешка, Словачка, Полска, Унгарија, Романија и други, за да нема политички раскол во европското единство.
Поради оваа причина се очекува усвојувањето на компромисна варијанта, со која ќе отпаднат обврзувачките квоти понудени од Европската комисија (ЕК) соопштија дипломатски извори. На ист начин веќе се постигна договор за доброволен прием на 40 илјади бегалци од Италија и Грција.
Така нема да се создава преседан со кој ЕК да сака автоматски прием на повеќе мигранти во иднина врз основа на веќе прифатените квоти.
