Економија, финансии, бизнис

Контакт

Не поминуваат ниту навредите  и заканите упатени до средношколците-бојкотот на наставата се шири!

Не поминуваат ниту навредите  и заканите упатени до средношколците-бојкотот на наставата се шири!
“Од наркомани и пијаници не бидува луѓе” – со овие зборови професор од средното градежно училиште “Здравко Цветковски”  им се обратил на стотина ученици кои со часови вчера  стоеле во училишниот двор, бидејќи директорката на училиштето не им дозволила да влезат во холот и да го реализираат мирниот бојкот на наставата-раскажуваат средношколците. Тие велат се разочарани од однесувањето на дел од професорите кои не бирале средства и со закани и погрдни зборови ги терале по секоја цена да се вратат на настава. Напнато поминале и вонредните родителски состаноци кои попладнето биле свикани во училиштето. “На ветер и дожд не оставија да стоиме надвор, а некои од професорите ни рекоа дека ќе се соочиме со казни и неоправдани, па дури и бркање од училиште. Двајца од учениците беа викнати кај директорката на разговор, бидејќи таа сметала дека токму тие ги поттикнувале учениците да ја бојкотираат наставата. Не разбираме како може да се убедат скоро 90 отсто од сите ученици да бидат надвор и да не посетуваат настава на два месеци пред крајот на учебната година. Па ние сме свесни дека сега не чекаат завршни тестови, крајни оценувања, дополнителна матура, но реалноста е дека нешто мора сериозно да се превземе со овие лоши реформи. Ние имаме право да го кажеме своето мислење и да го изразиме преку некоја форма на незадоволство. Дополнително се револтирани нашите родители кога разбраа на кој начин има обиди да не замолчат и понижат”-револтирано реагираат средношколците од гимназијата “Здравко Цветковски”. На сличен третман и  притисоци  се пожалија и учениците од скопската гимназија “Ѓорѓи Димитров” кои велат дека е извршен  притисок од страна на повеќето професори, педагози како и директорот,  со исклучок на неколку професори кои се претставници на Наставничкиот Пленум. 11134441_948898401789854_2012358802_n “Како изгледаше  бојкотот во нашето училиште? Ученици седат на под, оневозможени да земат клупи и столчиња за седење. Во ходниците дува промаја од сите страни, а ние седиме на под. Во дворот не ни дозволија да седиме бидејќи сме сметале на кафичот. Забрането ни е да пуштаме музика поради “безбедносни причини”. Не условуваат да влеземе во училници или да го напуштиме училиштето. Како последен, но и најважен дел, професорите ни вршат притисок да ги потпишеме новите пријави за државна матура со убедување дека доколку не потпишеме, нема да можеме да полагаме матура и да се запишеме на факултет. Ова е една од најпровидните манипулации со оглед на тоа дека главната цел на Средношколскиот пленум е враќање на стариот концепт на државната матура”-објаснуваат средношколците од оваа гимназија. Но и покрај незадоволителните услови, тие   порачуваат дека ќе продoлжат да ја бојкотираат наставата се додека не се исполнат нивните  барања. И средношколците од гимназијата “Никола Карев” поголемиот дел од  вчерашниот ден го поминале под ведро небо, наместо во училиште. Учениците од првата смена биле спречени да влезат внатре под изговор дека им сметаат на оние кои сакаат да ја следат редовната настава, а неколку пати им биле упатени закани дека ќе има исписници за оние кои имаат повеќе неоправдани часови.  Директорката  побарала од средношколците да го прекинат бојкотот и да се вратат во своите училници, но притисокот врз нив, велат  само го зголемил револтот помеѓу учениците. “За време на првата смена  директорката со цел да го спречи бојкотот им наредила на учениците да го напуштат училиштето доколку не сакаат да се вратат на настава. Учениците останале надвор. Ова предизвикало револт кај самите ученици и дел од нивните родители.Учениците во втора смена успешно го продолжиле бојкотот, а директни обиди за спречување на истиот немало. Но, притисоците продолжуваат бидејќи се зборувало за исписници кои ќе бидат пополнети заради бројот на изостаноци и слични закани од овој тип. За сега нема официјална поддршка од професорите”- вели ученичка во четвртта година од гимназијата “Никола Карев”. Најлесно и најорганизирано се чини дека поминале средношколците од гимназијата “Раде Јовчески –Корчагин”, каде била организирана цела програма на едукативни работилници во која биле вклучени сите ученици. И тие велат дека имало некои форми на притисок од страна на дел од професорите кои ги убедувале да потпишат изјави дека сакаат да полагаат математика како дел од државната матура. Но и учениците и нивните родители ги одбиле овие “добронамерни” понуди. Средношколците во оваа гимназија водат евиденција за редовност после секој поминат час, бидејќи како што велат нивната цел е да им покажат на надлежните дека имаат сериозни и аргументирани барања за подобро и поквалитетно образование,  кое првично подразбира стопирање на екстерното тестирање и враќање на новиот концепт на државна матура. “Бојкотот на наставата беше реализиран со повеќе интерактивни работилници . Учениците играа различни друштвени игри во ходниците од училиштето, игравме пинг понг, седевме во фискултурната сала и некои деца играа одбојка, баскет, а некои деца надвор на игралиштето играа и фудбал. Потоа се оддржа презентација за младите и нивното учество во општеството, се гледаа кратки видеа и се дискутираше за истите. За денеска  се организира  колективно чистење на дворот кој се наоѓа во нашето училиште, а потоа истиот ќе се декорира со боење и цртање.Организирано е и колективно гледање на филмови, дискусии на повеќе теми и секако друштвените игри. Одредени деца носат гитари и заедно се пее исе  свири.Некои деца носат и книги за читање.Постои големо единство и здруженост”-вели матурантка од гимназијата “Раде Јовчески-Корчагин”. Средношколскиот пленум најави радикализација на мерките откако надлежните од Министерството за образование и наука не најдоа време да се сретнат со нив ниту да одговорат на нивните барања кои пред повеќе од две недели написмено ги доставија до нив. Вчера  неколку други училишта меѓу кои  тетовските  „8-ми септември“, „Кирил Пејчиновиќ“ и охридското „Св. Климент Охридски“ имаа алтернативна настава со што официјално го активираат бојкотот на редовната настава. Бојкот на наставата најавија и велешките и кумановските средношколци. С.Б.
Слично

Поврзани вести