(НЕ)ОДЛОЖЕНИ ИЗБОРИ: Можни сценарија – што по 24 април?
На априлските избори ќе им пресуди извештајот што го подготвува меѓународната заедница, односно ОБСЕ и ОДИХР. Оценката дали се исполнете условите за изборен мегдан се очекува да биде соопштена до крајот на оваа недела, но преставниците на ЕУ веќе ги пратија првите сигнали дека сепак, изборниот процес е целосно условен со почитување на договорот од Пржино, без разлика на тоа што 24 април е запишан како датум за одржување на предвремените парламентарни избори. Аналитичарите во земјава со поделени мислења. Додека едни сметаат дека изборите, со или без опозициската СДСМ мора да оддржат, други велат дека процесот ќе се одложи а владеачката Вмро-Дпмне да ја повлече одлуката за распуштање на парламентот.
ОБСЕ, ОДХР и ДИК ќе пресудат за априлските избори ..
Има датум за оддржување на изборите, но сеуште има и отворени и нерешени прашања од пржинскиот договор. Амбасадорот на ЕУ во земјава Аиво Орав, во пресрет на извештајот на меѓународните организации за закажаните избори, прати порака дека датумот е сепак условен со исполнување на договорот од Пржино.
“На 15 јануари не можевме да добиеме консензус од четирите политички партии. Во Договорот од Пржино е наведен 24 април како датум за предвремени избори, ама имаше многу одложувања во имплементацијата на договореното, односно има ќе некои неочекувани развојни елементи. Ние стоиме на тоа дека треба да се решат трите клучни прашања - пречистен избирачки список, медиуми и одделување на партијата од државата“, изјави евроамбасадорот Орав.
Условите за избори се исполнети, владеачката партија Вмро-Дпмне треба да оди на избори без разлика дали опозициската СДСМ ќе ги бојкотира, смета аналитичарот Александар Пандов.
“Според мене договрот од Пржино е сто проценти исполент, заклучно со ДИК која веќе го почна процесот на прочистување на избирачкиот список. Има време и институционален капацитет да се обезбедат сите услови за одржување на изборите на 24 април. Сега треба да видиме каков извештај ќе испорача меѓународната заедница и домашните институции, и доколку сигналот од нив е позитивен немам дилема дека изборите, со или без СДСМ, мора да се спроведат и одржат на 24 април“, вели Пандов.
Додека според него, условите за избори се исполнети, дел од аналитичарите категорично велат и очекуваат дека изборите ќе се одложат. Според Суад Мисини, поради неисполнување на договореното од Пржино, можни се неколку сценарија по објавувањето на извештајот на меѓународните институции.
“Според мене, доколку извештајот констатира дека нема услови за избори, Вмро-Дпмне нема да оди на избори без опозицијата. Прво што очекувам е да се договори нов датум за избори. Според мои порценки, тие би се одложиле за еден месец, односно нивното одржувањe би се презакажало за во мај. Но доколку изборниот процeс се одложи за подоцна, тогаш не треба да исклучиме дека владеачката партија ќе реагира, односно Собранието би ја повлекло одлуката за распуштање а Грувевски би се вратил на позицијата премиер“, вели аналитичарот Мисини.
Еврокомесарот Јоханес Хан, чие доаѓање до крајот на неделава останува неизвесно, со воздржан коментар.
„Имавме договор од јуни/јули минатата година и дел од овој договор е одржување на предвремените избори. Но, не можам да ви дадам одговор во моментов. Зависи од извештајот на меѓународните институции и на Државната изборна комисија. Потоа тие треба да донесат одлука“ - изјави еврокомесарот Хан.
Реформите во медиумите пропаднат..
На преговарачка маса, а во согласност со договорот од Пржино сеуште е отворено прашањето за медиумите.
Откако синоќешните разговори на партиските групи за реформи во медиумите завршија без успех за денес е закажана нова средба во Клубот на пратениците, со посредство на олеснувачот Питер Ванхауте.
По синоќешната средба олеснувачот Ванхауте на својот твитер-профил напиша дека сè уште нема договор, но има напредок и дека разговорите ќе продолжат денеска попладне.
Аналитичарот Пандов очекува договор и за ова прашање, но договор што нема да задира во работата на приватните медиуми.
“Законските решенија за медиумите очекувам да останат исти, но со измени во делот на работењето на МРТ, конкретно во инфрмативната програма како и да се понуди решение за Советот на медиуми, начинот на кој ќе се бираат членовите. Решенијата што сега се нудат за приватните медиуми би рекол дека се крајно ненормални, нема оправданост и логика на приватен медиум да му се наметнува што да прави и како да информира“, вели Пандов.
Невладините организации пак веќе испратија едногласна порака со која порачуваат дека избори на 24 април не може и не треба да има.
“Баравме целосно професионализирање и департизација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и професионализирање и ослободување од партиските стеги на јавниот сервис МРТВ. Единствената препорака која во овој момент може да се испорача до меѓународната заедница, до Вашингтон и Брисел, е да дадат зелено светло за вистински услови за слободни избори и да не се придржуваат до формата, туку до содржината“, велат од невладината организација “Цивил“.
Од инволвираните и засегнатите институции во изборниот процес и неговиот мониторинг, се огласија од “Мост“.
“Ако ме прашувате директно дали се исполнети условите за на 24 април да има избори, јас ќе ви кажам не. Задачата на нашите партнери и набљудувачи е да ги следат условите и околностите во кои што се подготвува целокупниот изборен процес. Иако на 20 јануари јавно констатиравме 50-дневно задоцнување со почетокот на прочистувањето на Избирачкиот список, денес, 27 дена подоцна, може да констатираме 77-дневно задоцнување на прочистувањето на Избирачкиот список. Апелираме до сите политички партии во РМ, да ја согледаат сериозноста на оваа состојба и објективно да направат процена дали навистина овие 77 дена се поминати или не и што е сработено во тој период“, рече Дарко Алексов од невладината “Мост“.
Според првичните информации, еврокомесарот Хан се очекуваше да ја посети земјава до крајот на оваа недела, но во неговата агенда засега нема таков настан, по што и се отвори прашањето дали воопшто ќе дојде.
На 28 јануари амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво орав, објавија дека до 20 февруари ќе ја соопштат процената околу исполнувањето на критериумите, прочистување на избирачкиот список и регулација на медиумите.
Д.А.
Слично
