Нè очекуваат два дена тропски температури – заштитете се на топлото време!
Територијата на цела Македонија утре е во жолта алертна фаза заради високите температури кои се очекува да достигнат до 40 степени целзиусови.
Температурниот максимум ќе биде достигнат за првпат ова лето. Индексот на УВ зрачење ќе биде 8.
Поради високите температури, но и заради исклучително променливото време ова лето, лекарите препорачуваат особена претпазливост. Според нив, граѓаните не треба да се изложуваат непотребно на екстремно високите температури и треба да се избегнуваат температурните шокови.
Притоа за следните два дена се препорачува заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, консумација на лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната. Посебно внимателни треба да бидат постарите и хронично болните лица.
Високите температури може да бидат причина и за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања. За да се заштитите треба темелно да го миете овошјето и зеленчукот пред употреба, добра термичка подготовка на храната, задолжително чување на храна во фрижидер на + 8 степени, како и избегнување консумација на лесно расипливи производи, советуваат здравствените власти.
Топлотниот бран не се очекува да потрае и веќе викендов метеоролозите најавуваат нов пад на температурите.
Слично
