Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕ НЕ ПРИЗНАВААТ, АМА СОРАБОТУВААТ: Што за бизнисот би донело решението на името?

НЕ НЕ ПРИЗНАВААТ, АМА СОРАБОТУВААТ:  Што за бизнисот  би донело решението на името?

Иако Грција не го признава уставното име на Република Македонија, сепак соработка има меѓу македонските и грчките компании во повеќе сектори, а  за Македонците долги години Грција е број еден дестинација за одмор.

Не нè признаваат, но сепак сакаат да соработуваат, па и да привлечат туристи од земјава. Но, доколку во 2018 година дојде до решение на името, можно е да се отворат повеќе перспективи за бизнис секторот. Од Стопанската комора на Северо-Западна Македонија велат дека политичките проблеми не смеат да влијаат врз бизнисот, затоа што кога постои финансиски интерес луѓето настојуваат да ги надминат проблемите.

„Но, секако, доколку немаше политички прашања, работите ќе беа многу подобри. Тоа создава одредени пречки и затоа eкономските форуми помеѓу двете соседни земји се скоро вистинска реткост. Доколку се реши спорот за името секако дека ќе има унапредување на економската соработка меѓу двете држави и се надеваме дека владиниот план за економски раст ќе обезбеди поволности и за бизнис секторот од Грција како еден од петте најзначајни трговски партнери на Република Македонија, oдносно земја со која само минатата година имавме околу 726.146.000 eвра трговска размена. Независно од политичкиот проблем, веќе има голема економска соработка меѓу двете држави и има голем простор за продлабочување на таа соработка, имено компаниите се заинтересирани за соработка во областа на градежништвото, прехранбената индустрија, земјоделството, текстилот и недвижностите.  Зависноста на Македонија од солунското пристаниште, интересот на компаниите и географската близина се предуслови за раст на соработката, на која што освен името директно влијае и тоа што немаме никаква авиолинија која што ги поврзува двете земји“ – објаснуваат од Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија.

Во однос на тоа како ги прифаќаат Македонците кои отишле да работат во Грција, најчесто во сектор туризам, скопјанката Билјана Стојчевска вели дека сè зависи од регионот, и дека секаде има добри и лоши луѓе. Како пример наведува дека во Атина не смеела да се претстави дека е од Македонија, но вели дека отпор кон нашето име имаат претежно постарите Грци. Таа повеќе од три години работи во Грција и искуството го темели на своите лични контакти. Сепак, наведува дека позитивниот впечаток доминира.

„Јас во Скопје работев на три места и имав проблеми, а откако сум на работа во Грција сум презадоволна, и едвај чекам да се вратам. Луѓето бараат работа, но плаќаат, и се многу љубезни, нешто што тука ретко се среќава. Јас грчкиот јазик го научив, и тие нас нè нарекуваат Македонци, како поинаку, мене ме нарекуваат „македонска жена“- вели Стојчевска.

Податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари – февруари 2018 година, покажуваат дека според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија, и Бугарија.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести