НЕ МОЖЕТЕ ДА ГО ЗАГРЕЕТЕ ДОМОТ ИЛИ ДА КУПИТЕ НОВ МЕБЕЛ: Лесно се влегува, но тешко се излегува од кругот на сиромаштија
Граѓаните лесно можат да западнат во ризик од сиромаштија, но потешко излегуваат од таа состојба.
Ако примањата се ниски, и несигурни, без социо-економска поддршка и можности тешко се подобрува материјалната состојба на семејствата.
Постојат повеќе индикатори кои укажуваат дека граѓаните се во ризик од сиромаштија. Билјана Дуковска од Македонска платформа против сиромаштија, објаснува дека оние граѓани кои не можат да си дозволат квалитетна исхрана, да го затоплат домот, да покријат некој непланиран трошок, спаѓаат во оваа категорија.
„За да поедноставам, ако линијата на сиромаштија е директно поврзана со приходите кои ги има едно лице или семејство, додека ризикот во сиромаштија е поширока категорија, во која се огледува колку вие може да си дозволите со тие пари и дали таа сума ви дозволува да вклопите во прифатливиот начин на живеење во земјата во која живеете. Или уште подлабоко, ако со приходите кои ги имате не може навремено да ги плаќате сметките и кредитите, не можете да се справите со неочекуван трошок (на пример да си купите нов фрижидер ако стариот се расипе), и годишно не може да си дозволите една недела одмор надвор од домот, и ако не можете соодветно да го затоплите домот, и не може да си дозволите соодветно хранлива храна според вашите потреби, тогаш веројатно вие спаѓате во луѓето кои се во ризик од сиромаштија. Истото важи и ако со приходите кои ги имате не можете ги замените дотраениот мебел и облека, не можете да потрошите малку пари само за себе и барем еднаш месечно не може да излезете да се дружите со пријателите со пијалок или храна. Ова е комплексна материја и има многу индивидуално значење за семејствата, но важно е дека ако од 13 индикатори за материјална депривација (врз кои се прават пресметките), не исполнувате 6 или повеќе вие влегувате во групата во ризик од сиромаштија. Влегувањето во ризик во овој контекс е поврзано со висината, но и со одржливоста на приходот, балансот меѓу работното и слободното време, пристапот со културни и социјални активности, социјалната вклученост“, вели Дуковска.
Таа додава дека во однос на ниската економска активност, многу е важно да се зголеми бројот на платени работни часови во семејството.
„Ова е особено важно за семејствата кои имаат „хонорарци“, „работат на дневница“ или „работат ако најдат нешто“, популарно кажано, односно да се најде работа на долг рок која ќе биде сигурна и со правата кои произлегуваат од работниот однос“, рече Дуковска.
Околу 35 отсто од населението во Македонија е под ризик на сиромаштија, oбјави Евростат. Oвој податок се однесува за 2019 година, и засега немаме податок за 2020 година, кога пандемијата предизвика економски штети.
Најлошо рангирана држава од регионот е Албанија каде повеќе од половина од населението (51 отсто) е изложено на ризик од сиромаштија или социјална исклученост.
Во Црна Гора во ризик од сиромаштија е 40 отсто од популацијата, а во Турција 38 проценти.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
