Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕ ИМ ТРГНА ЛИ СО ЕДС: Грците вбризгуваат нови 3,7 милиони евра во екс фирмата на Анѓушев

НЕ ИМ ТРГНА ЛИ СО ЕДС: Грците вбризгуваат нови 3,7 милиони евра во екс фирмата на Анѓушев

Грчките газди на Енерџи Деливери Солушнс (ЕДС), компанијата која во земјава ја основаше и ја поседуваше поранешниот вицепремиер, бизнисменот Кочо Анѓушев, вбризгуваат нови 3,7 милиони евра во компанијата во Скопје. Друштвото практично ќе спроведе нова, втора емисија на 370.000 обични акции по пат на приватна понуда за единствениот акционер односно за грчки ППЦ (Public Power Corporation). Комисијата за хартии од вредност во Македонија веќе даде одобрение за емисијата. Грчката компанија стана единствен сопственик на ЕДС во 2018 година кога Анѓушев по потпишиувањето на Преспанскиот договор одлучи да им ја продаде заедно со подружниците во Југоисточна Европа за 4,8 милиони евра

„На Друштвото за трговија и услуги Енерџи Деливери Солушнс АД Скопје му се даде одобрение за издавање на долгорочни хартии од вредност по пат на приватна понуда - втора емисија на 370.000 обични акции во вкупна вредност од 3.700.000 евра, односно во денарска противвредност од 228.271.500 денари.  Зголемувањето на основната главнина на друштвото се врши по пат на трансформирање на заем во влог преку издавање на нови акции од втора емисија на единствениот акционер Паблик Пауер Корпорејшн СА, Атина Р. Грција, велат од КХВ.

Инаку Фактор веќе пишуваше дека кај ППЦ има голема загриженост за работата на подружницата во Македонија, а за тоа известуваа и грчките медиуми. Според информациите на медиумиот О.Т. финансиските перформанси на компанијата за трговија и снабдување со електрична енергија не се воопшто добри, а наместо профит најверојатно ќе носи загуби. Грчките медиуми тврдат дека раководството на ППЦ размислувало да донесе одлука за прекин на активностите годинава за да спречи поштетни финансиски последици, а дури разгледувале сценарија и ЕДС да биде исклучено од конкретната аквизиција.

Дали оваа докапитализација е последен обид за компанијата во Скопје останува да се види. Сумата во приватната понуда е голема и како што е известено станува збор за позајмица која ќе биде претворена во влог ама со докапитализацијата.  

ЕДС веќе три години е дел од портфолиото на ППЦ. Тогашното раководство на јавното грчко претпријатие, одлучи да ја купи по потпишувањето на договорот од Преспа. Тоа во Грција предизвика бура од реакции, особено затоа што медиумите пишуваа за политиката зад договорот од аспект дека ЕДС е на Анѓушев. Во билансот и тогаш македонската компанија беше во загуба за претходните години 2017 и 2016 година.

Главниот извршен директор на ППЦ, Емануел М. Панајотакис на потпишувањето на договорот рече дека ЕДС е исклучителна компанија која за неколку години, под инспиративното раководство на Анѓушев и со својот високо професионален тим, се развила и станала значајна компанија за трговија со електрична енергија. 

„Со поддршката од ППЦ и нејзината експертиза, ЕДС ќе напредува и зајакнува и понатаму, што ќе биде во најдобар интерес и на клиентите. ЕДС во сопственост на ППЦ ќе стане уште помоќна компанија, со оглед на портфолиото што го имаме и развојните планови дефинирани за време на купувањето, рече Панајотис.

Инаку тогаш беше соопштено дека ППЦ е една од најголемите компании во Југоисточна Европа од областа на енергетиката, со вкупна актива од повеќе од 15 милијарди евра и годишни приходи од над 5 милијарди евра. Основната дејност на ППЦ е производство, дистрибуција и снабдување со електрична енергија во Грција за 7,3 милиони потрошувачи и има пазарен удел од околу 85 проценти. ППЦ е исто така сопственик на дистрибутивната мрежа на Грција којашто стопроцентно ја води филијала „ХЕДНО", како и ППЦ Обновливи извори - една од пионерските компании во Европа за производство на електрична енергија од обновливи извори. Покрај тоа, ППЦ има подружници во Бугарија, Турција и Албанија. ППЦ неодамна потпиша стратешки договор со американската компанија Џенерал Електрик за соработка во поддршката на термоенергетските единици во Европа и Северна Африка.

А.Т.

Слично

Поврзани вести