Не грижете се за сметките - пратениците изгласаа намалување на ДДВ-то за струјата
Се намалува ДДВ-то за електрична енергија. Со 83 гласа „за” денеска во Собранието е усвоено намалувањето на ДДВ на струја од 18 на 5 проценти.
Власта планираше пониското ДДВ да почне да важи од 1 јули за да се ублажи ударот од повисоката цена на електричната енергија, но тоа ќе се случи дури по објавување на измените во Службен весник.
За јули граѓаните ќе добијат повисоки сметки затоа што за претходниот период ќе им биде тарифирана повисоката цена на струјата без намален ДДВ. Опозициските партии гласаа за измените, но ја обвинија власта дека предизборно манипулира со граѓаните, затоа што догодина кога според измените, ДДВ ќе биде 10 проценти, корисниците ќе плаќаат повисоки сметки за струја. Струјата поскапе за 12.3 отсто.
